„Доаѓаме со поклон“ е насловот на изложбата на Шејла Камериќ која вечерва во 20.30 часот ќе биде отворена во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Претходно од 19 часот ќе се одржи разговор со уметницата. Куратор на изложбата е Наталија Пауниќ.
Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети.
– Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, целта на изложбата е и да расветли обични, домашни и познати секојдевни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ – велат организаторите.
Метафоричката вредност што ја содржи дело постои и во многу други, на различни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично „женски“ рутини: плетење, ткаење, работа низ градината; да се биде мајка; па дури и „да се биде“ подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамки на патријархалните општества и неолибералниот капитализам.
Изложбата е восоработка помеѓу Крик – фестивал за критичка култура, Фестивалот за феминистичка култура и акција – Прво па женско и Националната галерија.