До пред две години пливала само рекреативно, а денес го совлада „Ајронмен“ подвигот

Мојата порака до сите жени е: Ако можете да си подарите нешто на себе и на своите блиски, подарете си шанса за живот, здравје и среќа! – вели Даниела Атанасовска од ТК „Триоги рејсинг“, која во септември го заврши триатлонот на долга дистанца „Ајронмен“ во Емилија Ромања, Италија

Сè започна во 2021 година, кога рекреативно почнав да трчам и планинарам. Случајно, додека моите две ќерки пливаа и јас почнав рекреативно да пливам. Но, вистинскиот поттик дојде од мојата средна ќерка. Во август 2022 година, таа предложи да се пријавиме за акватлон (пливање + трчање) во Охрид. Тоа беше нашиот прв заеднички натпревар. Следеше спринт триатлон во Струга и дуатлон во Скопје. И така, од една семејна авантура, триатлонот стана важен дел од нашиот живот – вели Даниела Атанасовска, која стана третата Македонка што успеала да го заврши триатлонот на долга дистанца „Ајронмен“. Трката опфаќа 3.8 км пливање, 180 км велосипед и 42 км трчање, а Даниела го заврши на 23 септември во Емилија Ромања во Италија. Мајка на три деца, во дружба со некој вид спорт од детство, а во триатлонот се вљубила сосема случајно. До 16 години се занимавала со ракомет во родното Кичево, каде што живеела, но потоа, речиси целосно се тргнала од спортот.

Со триатлонот се бави само две години. За „Ајронмен“ се спремала интензивно околу 11 месеци, почнувајќи од октомври 2022 година. И претходната година ù била своевидна подготовка – трчала маратони за да ја тестира својата издржливост и градела основа во пливањето и велосипедизмот.

– Смешно е да кажам дека до 39 години пливав само градно и грбно, а велосипедот го возев само рекреативно низ град. Сè се смени кога решив сериозно да се посветам на овој предизвик – вели Даниела.

Интересно е што не се поколебала и покрај падот од велосипед, што и се случи на 8 јули, и тоа не за време на тренинг, туку излегувајќи од паркингот на базенот. Го скршила левото рамо, сериозна повреда што барала операција со плочка и шрафови.

-Ова е најболниот, но и најинтересниот дел од моето патување. Соочувањето беше многу тешко, како фудбалер што води топка кон празен гол, но паѓа пред да шутне и не може да се исправи за да ја заврши акцијата. Секојдневно, волјата ми се враќаше постепено – капка по капка, збор по збор, движење по движење. Првин мораше да се соочам со операцијата, и искрено сум многу благодарна на д-р Дарко Талевски и неговиот тим за посветеноста и успешната интервенција. Потоа следеше рехабилитација со физикална терапија. Во тој период, се држев до вербата дека раната ќе заздрави, дека зглобот ќе се врати во функција и дека ќе се вратам на подготовките, особено на пливањето – раскажува Атанасовска.

Секојдневно слушајќи го своето тело и советите од докторите и терапевтите, правела сè може.

– Ако не можев да трчам, брзо пешачев или одев по угорнини. Подготовките за велосипед ги продолжив со мали чекори, вежбајќи на тренажер со една рака или во седечка позиција, а потоа и подолги тренинзи. Секој мал напредок ми даваше надеж дека можеби ќе се вратам во базенот и дека ќе продолжам со пливање.

Најмногу во овој спорт ја возбудувала динамиката, односно фактот дека триатлонот е комбинација од пливање, велосипедизам и трчање, што ги прави трките возбудливи.

– Прво пливаш, па брзо се подготвуваш за велосипед, и потоа трчаш. Тие транзиции носат посебна возбуда – ставаш кацига, обувки за велосипед, и на крајот патики за трчање. Публиката, исто така, придонесува со постојано бодрење на учесниците на секој чекор. Тоа ја прави секоја трка полна со неизвесност и адреналин. Силата да истраам ја наоѓав и во моите деца, кои ми велеа: „Можеш, мамо, ќе ти биде добро, ќе ги завршиш подготовките.“ Тие, со својата искрена детска надеж, беа голем извор на поддршка и мотивација – се потсетува Даниела.

Таа е благодарна на семејството, родителите, на пријателите, на тренерите, докторите, сите тие имале голема улога во нејзината приказна. Нејзината средна и најмалата ќерка

-Да, средната ќерка беше таа што прва започна, а сега и најмалата, која има 10 години, тренира веќе една година. Сите ние сме дел од истиот клуб – „Триоги рејсинг“. Тренинзите се речиси секојдневни, но се поддржуваме меѓусебно. Често тренираме заедно, а кога имаме натпревари, секогаш сме тука за да се бодриме.

Многумина, посебно жените ќе ги интересира како се прави баланс помеѓу работата семејството и спортот, макар кога станува збор за хоби. Даниела споделува дека мултитаскингот често ù помага, но не е секогаш најдоброто решение.

– Денес е навистина предизвикувачки да се балансираат сите обврски, но сепак, наоѓаме начин. Моите тренинзи најчесто ги правам рано наутро, пред да започне работниот ден. Ако имам дополнителни тренинзи во текот на денот, тие се обично за време кога децата се на нивните тренинзи или воншколски активности. Понекогаш, успевам да ги поврзам тренинзите со работата. Бидејќи работам како правен советник за регулатива за вештачка интелигенција, заштита на податоци и информациска сигурност, често следам вебинари или онлајн-обуки и ако имам некој полесен тренинг, ги слушам овие сесии додека тренирам. Што се однесува до семејството, понекогаш правам некаква комбинација. На пример, ако треба да патуваме некаде, а јас имам велосипедски тренинг, возам до дестинацијата, а потоа сопругот и децата доаѓаат со автомобил, и заедно продолжуваме. Или пак, носам опрема со мене, и утрото, пред да се разбудат сите, наоѓам час или два за тренинг. Понекогаш, дури тренираме заедно – споделува Атанасоска.

Што би им порачале на жените коишто тешко се одлучуваат да го следат својот сон?

-Верувајте во себе и во своите цели. Кога ќе ви биде најтешко, запомнете дека на секој пат до успехот има препреки, но тие ќе поминат. Соништата се остваруваат само ако продолжите да работите на нив дури и во моментите кога ви е најтешко и најмалку сакате да продолжите. Ако не се откажете тогаш, следната дестинација ви се радоста и исполнетоста. Во меѓувреме, без разлика на вашата цел, имајте некаква физичка активност. Постојат истражувања кои покажуваат дека жените кои се физички активни најмалку 150 минути неделно – три тренинзи по 50 минути или пет по 30 минути – го намалуваат ризикот од рак на дојка за 30-50%. Ова е објаснето во книгата на харвардскиот професор Даниел Либерман Exercised: The Science of Physical Activity, Rest and Health, а може да го слушнете и во поткастот на Стивен Бартлет „The Diary of a CEO“.

Мојата порака до сите жени е: Ако можете да си подарите нешто на себе и на своите блиски, подарете си шанса за живот, здравје и среќа!

Фотографии: Ironman Emilia Romagna

Сподели