До јуни уште 13 дела од Личеноски ќе бидат конзервирани и реставрирани

Го заштитуваме вредното ликовно богатство старо и повеќе од еден век и ќе го оставиме во наследство на идните генерации. Со конзервацијата и реставрацијата на делата што го сочинуваат легатот на еден од најважните основоположници на македонската современа ликовна уметност, Лазар Личеноски, обезбедуваме долговечност на највредното од македонската култура, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска која со шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир вчера го посети Националниот конзерваторски центар каде што се одвива процесот на конзервација и реставрација на ликовните дела од доајенот.

Делата се дел од легатот на семејството Личеноски на Националната галерија на Македонија. Стручните екипи од Централната лабораторија на Националниот концерзаторски центар и на Националната галерија информираа дека лани биле се конзервирани и реставрирани 12 дела од богатата колекција која се состои од 122 вредни слики, цртежи и акварели. До крајот на јуни треба да се заштитат уште 13 дела.

Во изминатиот период, целосно е заштитено мозаичното културно наследство во Спомен-куќата на Личеноски, а екипи на Националната галерија минатата година го конзервираа и реставрираа етнолошкиот материјал од објектот. Завршени се дел од активностите од основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“, што е во надлежност на Конзерваторскиот центар од Скопје. Саниран е системот за водоводна и одводна мрежа, изведена е и фазата електрика, а дополнително ќе биде изведен дренажениот канал, санација и консолидација на архитектурата.

Костадиновска-Стојчевска му се заблагодари на Гир и на Делегацијата на ЕУ за поддршката на стручниот и на логистистички план и за решавање на идните предизвици во креирањето на уште многу вакви приказни, по примерот на Куќата на Личеноски. Објектот е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, со владината одлука од 2017 година.

Сподели