До 31 март е продолжен конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, во рамките на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“. На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело ла Векија“.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден за преку „возвишена поезија“ да се прослави и овековечи духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко. Специјалната награда „Антево слово“ ќе ја координира интернационална комисија со која ќе претседава нашиот поет Митко Гогов, претствник на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе биде доделена пролетва во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело ла Векија“.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе бие доделана во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.