Издавачката куќа „Темплум“ по 16. пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик. Ракописите треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5, во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“, а спонзор е „Комерцијална банка“.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски…

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга. Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми, објаснуваат од „Темплум“.

Ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци. Ракописите можете да ги испраќате најдоцна до 15 ноември на следнава електронска адреса: [email protected]

Признанието ќе биде доделено кон крајот на декември.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова (Будимка Поповска), Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди (Дејан Василевски), Андреј Ал-Асади, Ирена Јурчева и Игор Лозаноски.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.