„Современа скулптура“ е насловена изложбата на на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Уметничкиот центар „Арт Хаб“ во Градскиот трговски центар во Скопје. Ќе бидат изложени 22 дела од 19 автори. Изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска. На отворањето ќе биде соопштен и добитникот на наградата за најдобра скултптура „Боро Митриќески“ што ја доделува семејството Митриќески.
– Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата. Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали – велат од ДЛУМ.
Свои дела ќе изложат: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска-Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски-Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева и Никола Смилков.
Во чест на наградата „Боро Митриќески“, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски. Изложбата ќе биде отворена до 1 април, во работното време на галеријата – од 11 до 18 часот.