На бродот Армада во рамките на Beach Film Festival во Охрид денеска во 17 часот ќе се одржи панел дискусија на тема „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“. Панелисти се: Дамјана Патчева (виш филмолог во Кинотека на Македонија), Саша Станишиќ (режисер и координатор на „Филмска училница FIMAY“), Гордана Бабоска (Стручен соработник за образовна соработка во Гете-институт Скопје), Ана Опачиќ (директор на фестивалот БФФ), Ивана Маховска-Шикалеска (наставник во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид) и Емилија Ристановска (наставник во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје).
Панелот е дел од проектот „ФилмЕД“ (filmED), во кој Кинотеката на Македонија (петти партнер во спроведувањето на проектот) заедно со Гете-Институт Скопје има цел да развие и имплементира програми за обука за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаења и практики за воведување на филмското образование во наставните програми.
Методологиите и практиките развиени во рамките на проектот преку веб-платформа ќе бидат достапни за сите што сакаат да имплементираат филмска едукација наменета за деца од различни возрасти. Со оглед на проблемите со кои се соочуваат, потребно е да се постави прашањето, кои практики би биле од голема корист за просветните работници и наставниците во обидите да го интегрираат филмското образование во нивните програми. Панел дискусијата ќе се обиде да укаже на овие проблеми, да ја истакне нивната важност и да започне дискусија за нив.
Дискусијата ја организираат Кинотеката и Гете-институт од Скопје. Проектот филмЕД (filmED) е финансиран од програмата МЕДИА на Европската Унија.