Дискусија „Антиквизициска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Европска престолнина на културата 2028“

Школа за пропаганда е настан што ќе се одржи денес со почеток во 12 часот во Музејот на современата уметност во Скопје, како дел од изложбата „Станица Пропаганда“ на Јонас Стал. Уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти ќе учествуваат на неколкучасовната средба.

Школата за пропаганда е насловена „Антиквизициска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ има намера да создаде привремена дискурзивна платформа која ќе ја деконструира комплексноста на антиквизациската пропаганда отсликана во проектот Скопје 2014.

Клучните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија се: Како изградената и поставената инфраструктура на антиквизациската пропаганда „Скопје 2014“ да се претвори во агент на (контра)пропаганда? Како да се подготвиме Скопје 2028 да не стане повторување или натамошно спроведување на антиквизациската пропаганда? Како програмата на престолнина на културата повторно да пропагира еманципаторски визии за иднината на Скопје?

Воведни обраќања ќе имаат Ивана Васева, кураторка на проектот, Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје: МСУ, како и авторот Стал, на тема „Уметноста и пропагандата во 21 век“.
Со свои излагања ќе се претстават: Катерина Колозова, професорка по филозофија и културна теорија при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје: Бојан Иванов, историчар на уметност: Земјотрес 1963-2014, Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија: База на податоци Скопје 2014 под лупа; д-р Горан Јанев, редовен професор на Институт за Социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје: „Скопје 2014“ засекогаш, град завиен во етнократска пропаганда.

Во втораста сесија ќе се разговора за пропагирање на Скопје 2028, односно што сакаме градот да биде? Модератори ќе бидат Ирена Цветковиќ и Јордан Шишовски. Ќе учествуваат:  Никола Наумоски, активист, Контрадвижења против Скопје 2014 , Никола Гелевски, главен уредник на книгоиздавателството „Темплум“ и на веб страницата окно.мк, писател; Архитортура и глобализација; Биљана Тануровска–Ќулавковски, културна работничка, кураторка и истражувачка, програмска директорка на здружението ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи за уметност и култура: Замислувајќи го Скопје – со уметност и култура до град на иднината; Марјан Забрчанец, консултант за односи со јавност и поранешен национален координатор за комуникации на Владата: Јавноста – храна за или тројански коњ против ретроградната пропаганда?

Сподели