Димитар Рингачев сака да стане лего-дизајнер, веќе прави чудо од автомобили

Најинтересно ми е кога ќе видам некој автомобил на улица и се обидувам да го претворам во своја играчка – вели 12-годишниот струмичанец, кој е еден од „Идолите на Халки“

Од новата учебна година ќе биде седмоодделенец во ООУ „Видое Подгорец“ во родната Струмица. Посветен ученик и вљубеник во науката, но и уметноста, пишаниот збор, ученик каков што секој наставник би сакал да го има. 12-годишниот Димитар Рингачев има многу хобија, но нешто во што е најстраствен дефинитивно е редењето лего-коцки.

Од 3 години се навлекол на бесконечната фантазија на оваа игра и начин на учење. Лего-коцките не ги редел по шема, но по своја желба и видување. Најчесто прави возила (автомобили, камиони, машини и сл.) од лего. Токму оваа негова посебност го направи еден од „Идолите на Халки“.

– Почнав да си играм со лего-коцките од мојот постар братучед и иако беа мали и не многу на број, мене ми беше многу интересно. Прво ми текнува идејата за како да изгледа отприлика и после тоа како да функционира, бидејќи кога правам нешто од лего, секогаш правам да функционира – дали вратите ќе се отвораат, дали капакот на моторот. Овој се отвора назад за да се качат мали автомобили. Секогаш внимавам на деталите и тие доаѓаат на крај – вели Димитар.

Изработките ги прави за три – четири часа. Неговите последни креации имаат околу 2000 лего-коцки.

-На „Јутјуб“ гледам видеа за иновации во легото, но не го интересира за да види како некој друг ги прави, туку повеќе за да добие идеја за нешто ново. Најинтересно ми е кога ќе видам некој автомобил на улица и се обидувам да го претворам во своја играчка – вели тој.

Во моментот е преокупиран со „Лего-техник“ сетовите што го воодушевуваат, бидејќи содржат машини со многу функции.

Димитар има навика да штеди. Штеди во „Халкбанк“ и ги штеди да за да може да си купи некој голем лего-сет и нов велосипед.

Овој вљубеник во иновациите сака да биде лего-дизајнер кога ќе порасне. Многу сака и да црта, а најчесто црта природа или автомобили.

Димитар пишува и поезија. Најчесто за годишните времиња, за одредени луѓе што ќе го инспирираат.

– Омилено годишно време ми е пролет, бидејќи тогаш ми е роденден. Тогаш не врне многу дожд и не е толку жешко.

Талентираниот Димитар сака да чита и книги, најмногу сака да чита за животот на некое дете или возрасен човек. Многу сака и да спортува. Спортувал фудбал, тенис и пливање, а обожава да се вози со својот велосипед околу градскиот парк и низ градот.

Сподели