Во регионот само Србија добро се држи на ова поле, додека останатите земји имаат слично, ниско ниво на заштита од сајбер криминал
Сајбер безбедноста во Северна Македонија е на исклучително ниско ниво, скоро и да не постои. Во регионот само Србија добро се држи на ова поле, додека останатите земји имаат слично, ниско ниво на заштита од сајбер криминал. Особено јавната администрација и институциите се цел на сајбер напади, а тоа во изминатите месеци сите го почувствуваме на своја кожа.
Ова се дел од ставовите панелистите кои учествуваа на Меѓународната конференција „Сајбер интегритет во јавната администрација“ која во Скопје ја организираше ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување. На конференцијата присуствуваа повеќе од 150 претставнции од јавната администрација, од приватниот и од ИТ секторот, професори и студенти, а панелисти беа министри, директори на институции, професори и претставници на образовни институции, на стопански комори, на бизнис-секторот и на невладиниот сектор. Свои излагања имаа експерти од повеќе земји од регионот и од Обединетото Кралство. Конференцијата беше организирана со поддршка на Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој при Обединетото Кралство (FCDO UK) и DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, a во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата.
Трите панели ги модерираше Лилјана Пецова-Илиеска, основач и програмски директор на ИМПЕТУС и стипендистка на Чивининг програмата за сајбер безбедност на Западен Балкан при Обединетото Кралство. Таа потенцира дека средината на сајбер безбедноста се менува, а јавната администрација станува атрактивна цел за сајберкриминалците. Последиците од сајбер заканите може да бидат огромни, комплексни и далекусежни.
– Вработените се клучен елемент на сајбер интегритетот во јавната администрација. Препознавајќи ја потребата за справување со заканите за сајбер безбедноста во јавната администрација, недостатокот на информации и знаење, а надоградувајќи се на концептот за интегритет што во моментов се спроведува во овој сектор, ИМПЕТУС ја организира оваа меѓународна конференција. Со поддршка на меѓународните експерти ќе изготвиме клучни пораки и препораки кои ќе ги споделиме со сите релевантни чинители за да се заложат и поттикнат за трансформативни промени – вели Пецова-Илиевска.
Интересна беше дискусијата во вториот панел, на кој се отвори прашањето како може приватниот сектор да придонесе кон сајбер интегритетот во јавната администрација. Според проф. д-р Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопански комори и претседател на ИКТ комората во Северна Македонија, интегритетот на јавната администрација е широк поим, многу поширок од поимот дигитална безбедност.
– Сигурен рецепт кон катастрофа е дигиталната трансформација без сајбер безбедност. Сите користиме отворени системи, мобилни телефони и сме лесна мета за сајбер криминал. Државен дата центар на неколку различни локации во земјава може да биде едно од решенијата. Институциите мора да бидат обезбедени преку софтвер и паралелно да се оптимизира работата на бизнис процесите. Тој пазар треба да го одржуваат домашни компании. А такви капацитети имаме – вели Симов.
Благој Христов е претседател на ИКТ Здружението при Стопанска комора, член на Управниот одбор на МАСИТ и раководител на служба за регулатива во „Телеком“.
– Седум години зборувам за дигитализација. И тогаш беше buzz word, и остана на тоа ниво. Основниот проблем е што ние дигиталната транформација и сајбер безбедноста сè уште ја доживуваме како трошок. И попрво би вложиле во железо (хардвер) отколку во соодветен софтер. Дигитална трансформација нема ниту на ниво на приватен сектор, а камоли во јавната администрација – дециден е Христов.
Што се однесува до Државен дата центар, со соодветни „бекап“ локации, Христов смета дека тоа може да го одржува исклучиво приватниот сектор зашто е многу скапа работа.
– Државата треба да се стреми кон формирање Државна агенција. Имаме домашни експерти кои можат да понудат решенија како да се направи дигиталната трансформација и да добиеме сајбер безбедност – вели Христов.
Според Валентина Дисосока, претседателка на Здружението на бизнис жени и Национална платформа за жени претприемачи во Северна Македонија, не постои голема или мала штета од сајбер криминал. Исто како што нема голема или мала компанија или поединци кои можат да станат жртва на сајбер криминал – сите сме потенцијални жртви. Таа вели дека дигитализацијата кај жените претприемачи во земјава е на исклучително ниско ниво, особено кај оние надвор од Скопје.
– За сајбер клриминалот се делумно свесни, дури и не знаеме што сè не знаеме. Но, се соочуваме со друг роблем. Институциите мислејќи дека се отворени за приватниот сектор не можат да видат дека приватниот сектор не мисли исто. Имаме тешка комуникација на која мора да се работи. Во оваа сива зона гледам потенцијал за подобрување на соработката, но апелирам до сите да бидат свесни за состојбите и да работиме заеднички на нив – вели Дисоска.
Небојша Јокиќ, извршен директор на Фондацијата „Мрежа за сајбер безбедност“ од Србија објасни дека имаат силен систем на сајбер безбедност, востановен во 2020 година, но почнал да се имплементира во 2015-та. Во тој период биле одржани многу работилници за сите. Според него, клучна е одличната поврзаност со меѓународните организации, приватниот и јавниот сектор.
На панелот онлајн се вклучи Тим Парсонс, од „Решенија за сајбер безбедност – QinetiQ“ од Обединетото Кралство. Тој вели дека врската помеѓу приватниот и јавниот сектор кај нов почнала да се гради уште во 90-те години. Пресвртната точка се случила во 2016 година кога е донесена Националната стратегија и формиран е Национален центар за сајбер безбедност.
– Паралаелно Владата почна да го стимулира знаењето за сајбер безбедност и се работеше на подигнување на свесноста на сите нивоа – тренинзи за сајбер безбедност, сајбер акцелератори и други предизвици. Во 2021/22 објавена е новата Национална сајбер стратегија во Обединетото Кралство. Покрај националната има и посебна владина стратегија за отпорност на сајбер криминал – ојасни Парсонс.
Христов дополни дека ние сме светлосни години далеку од Британците, но не е невозможно нивните искуства да ги прилагодиме на нашите капацитети и менталитет.