Дигитализираните дела на великанот Анте Поповски ќе се чуваат во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Дигитализирани материјали од опусот на Анте Поповски, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива доби градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. Институцијата вчера потпиша договор со „Антево перо“ – Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски. Целокупното творештво и дејност на големиот поет, есеист, препејувач, публицист е од непроценливо значење за македонската култура.

– Наша должност е да го чуваме творештвото на македонски јазик, од македонските великани, од оние кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Една од тие фигури е Анте Поповски, не само како поет и академик, туку и како значаен општественик и голем борец за зачувување и промоција на македонскиот јазик и македонското прашање во 20 век. Силно веруваме дека творештвто на Поповски допрва ќе се истражува и анализира од повеќе апсекти и во повеќе научни области – рече директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска.

Од „Антево перо“ велат дека се среќни што Градската библиотека силно го вреднува опусот на Анте Поповски, но и нивните напори за неговото зачувување и постојано промовирање.

– Дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографиите и дел од личната преписка со значајни творци од 20 век е направена од Атина Цветаноска, член и еден од основачите на Здружението „Антево перо“. Овие материјали во дигитална форма ги отстапуваме на Библиотеката, бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на Антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик – велат Александар и Жорж Поповски, синови на големиот мислител и основачи на Здружението.

Дигитализираните единици ќе бидат поставени на платформата Дигитална библиотека во посебна секција. Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“. Ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Поповски, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 година на која е тој има само една година и е заедно со родителите. Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од коресподенциите со двајца добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.

Договорот за дигитализација на творештвото на Анте Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја – 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“. На крајот на годинава предвидена е и јавна презентација на сработеното пред студентите по филологија, односно идните потенцијални проучувачи на животот и делото на Анте Поповски.

Сподели