„Диџеј Ахмет“ или зошто е добро да си розова овца?

Уште кога излезе краткиот филм на Унковски – „Налепница“ (Sticker) во 2019 година, се насетуваше автор со посебен сензибилитет, со изразена но одмерена смисла за хумор, непотрошена, неисклиширана, туку многу дозирана. Уште тогаш знаев дека Георги М. Унковски и неговиот прв долгометражен филм, ќе биде полн погодок. Ретко се случува кај нас режисер да извади и комплетно сценарио и при тоа да не ве изнервира со некои недоследности, до пола завршени приказни или филм, што до половина ќе „вози“ добро и отпосле ќе оди во беспаќе.

Филмот „Диџеј Ахмет“, долгометражниот првенец на Георги М. Унковски го гледав два пати, а би го гледала уште неколку пати сигурно. Сместен во зафрленото јуручко село Али Коч кај Радовиш, во ограничена културна средина со свои специфичности, „Диџеј Ахмет“ ни беседи, ни отвора многу прашања, слоевит колку што не можеме и да замислиме.

Новото што го носат технологиите и како тие влијаат врз нас, особено во средини каде што промените доаѓаат бавно заради изолираноста и затворената културна средина во јуручкото село, е една од темите. Но, приказната за животот на двајца млади луѓе кои живеат под стегите на родителите и средината, е многу поважна во филмот, односно нивната борба за лична слобода. Ова го прави филмот многу универзален. Не попусто „Диџеј Ахмет“ киниса од големиот „Санденс“ (каде освои две награди), па продолжи на триесетина светски фестивали, веќе има скоро 10 награди и секаде е примен со слична реакција. И најдобар доказ дека режисерот успеал да направи светски филм е тоа што приказната е разбрана и допира до секој човек, добива овации и награди токму од публиката. Оти, пак, филмовите се за публиката, а помалку за фестивалските кругови кои се тесни.

15-годишниот Ахмет (Ариф Јакуп) е момче кое морало многу младо да се соочи со загубата на својата мајка (причина не се открива, но и не е важна). Тој како поголем брат се грижи за малиот Наим (Агуш Агушев), кој најверојатно и од претрпената траума, не зборува. Ахмет мора да се соочува и со својот татко (што го толкува одличниот Аксел Мехмет), кој по смртта на нивната мајка, се претвора единствено во таткото што треба да обезбеди егзистенција за децата и не умее емотивно да се справи со своите деца и заедно да се носат со болката. Тој избира неговиот син да не оди на училиште за да ги чува овците. Тука почнуваат и проблемите на Ахмет, но и неговата борба. Една од најсилните реплики во филмот е кога една од малите радости на двете деца – слушањето музика и играњето по дома, таткото сака да им ја ускрати, да им ја одземе, велејќи му на Ахмет: „Мајка ти е мртва, а тебе до музика ти е дојдено“. А Ахмет му одговара: „Мајка ми е мртва, ама јас и брат ми – не сме!“ Во оваа реченица има многу мудрост, многу вистина, многу волја за живот, што возрасниот не може да ја сфати, ама детето ја разбрало. Како за некојa што ја искусилa оваа болка на слична возраст како Ахмет, овие зборови долго ќе одѕвонуваат во мојата глава и ќе се сеќавам на овој филм.

Контрапункт на ова семејство е семејството на Аја, девојка дојдена од Германија кај баба ù (одличната Елхиме Билал), затоа што татко и ù договорил брак. И таа се бори за своите желби и прави сè за да не мора да ја исполни желбата на својот татко. Го смислува танцувањето во народните носии на фестивал на аренби-песна, нешто што за таа средина е невообичаено, за да го посрамоти на некој начин татка си, за тој да се пишмани.

Симболиката на розовата овца во филмот е многу важна. Таа ги симболизира и Ахмет и Аја, оние коишто се издвојуваат од својата средина. И „Диџеј Ахмет“ е розовата овца во македонската понова кинематографија. „Како ù ја купи слободата“, беше коментарот на една моја пријателка по гледањето на филмот. И беше во право – тоа го прави Ахмет за Аја.

Ариф Јакуп е прекрасен млад актер – со таков сјај во очите, таква природност во играта и во реакциите. Исто како малиот Агуш Агушев. И тој имаше тешка задача да игра без зборување, што му дава преубава димензија на филмот. Рамо до рамо со нив е и Дора Акан… Кастингот не можел да биде подобар. Невидена синергија постои меѓу Дора и Ариф на сцена. Тука голем удел има и Александра Кардалевска, која работеше со нив и кастинг-директорката Кирјана Николоска.

Целиот кастинг е одличен – Селпин Керим како таткото на Аја – совршен избор, оџата во улогата на Атила Клинче – бисер-улога. Од овој лик дојдоа можеби и најинтересните ситни сцени и детали што ја засмеваа публиката и најјако одразените разлики на новото и старото. „Џемаил мајмунче џемаил“ и „Бог е еден со извичник!“ – ќе станат антологиски, немам сомнеж.

Камерата е посебна приказна во филмот. Овде и самата локација помогнала во тоа, но изборот на широки кадри, контрастите во боите, шаренилото на народните носии во контраст со убавата зелена, го прави филмот многу топол за око. Особено е впечатлив начинот на кој Наум Доксевски ги доловува ликовите на Ахмет и Наим, во крупните кадри како ги пренесува нивните емоции. Забавената сцена во која Ахмет и Аја прв пат се среќаваат е многу шармантна и многу потсетува на сцена од филмови на Тарантино. Антологиска е и сцената техно-журката на која пристигаат и овците… Музиката на хрватските композитори Ален Синкауз и Ненад Синкауз, инспирирана многу од локалниот фолклор, е рамноправен член на филмската екипа и дава посебна убавина на филмот.

Уште кога излезе краткиот филм на Унковски – „Налепница“ (Sticker) се насетуваше автор со посебен сензибилитет, со изразена но одмерена смисла за хумор, непотрошена, неисклиширана, туку многу дозирана. Уште тогаш знаев дека Георги М. Унковски и неговиот прв долгометражен филм, што го најави и во интервју за Умно.мк, ќе биде вистински полн погодок. Ретко се случува кај нас режисер да извади и комплетно сценарио и при тоа да не ве изнервира со некои недоследности, до пола завршени приказни или филм, што до половина ќе „вози“ добро и отпосле ќе оди во беспаќе. Со „Диџеј Ахмет“ и со Унковски тоа не е приказната. Ме радува што новиот филмски бран во земјава зема сè поголем замав и режисерите, но и продуцентите од поновата генерација да создаваат нови современи приказни што кореспондираат блиску со денешната публика.

„Диџеј Ахмет“ е копродукција меѓу Македонија, Чешка, Србија и Хрватска. Македонски продуценти се „Синема футура“ и „Сектор филм“, а продуценти се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

Сподели