ДФРМ во долготраен клинч со Министерство за култура, филмската уметност во криза

Ниту Агенцијата за филм ниту Министерството за култура побарале извештај од нас. Во Друштвото поминаа сите можни инспекции од Министерството за култура, финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција. Кај нас е сè чисто, рече Игор Иванов-Изи

Друштвото на филмските работници на Македонија е формирано во 1950 година, веднаш по основањето на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото на ликовниоте уметници на Македонија. Ова се трите столба, фундаментот на македонската култура. Кога ќе ги погледнете членовите на овие друштва, ќе ги видите темелите на македонскиот културен идентитет. Никој не може да се спореди со овие здруженија, рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ на вчерашната прес-конференција на која беше најавено 6. издание на ревијата на македонскиот филм „Златна рамка“.

Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со ДФРМ и последниот извештај на Министерството за култура, Иванов одговори дека не постои незаконско работење ниту во Друштвото ниту во Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ (чиј основач е ДФРМ).

– Ниту Агенцијата за филм ниту Министерството за култура побарале извештај од нас. Во Друштвото поминаа сите можни инспекции од Министерството за култура, финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција. Кај нас е сè чисто – рече Иванов.

Тој додаде дека не очекува ДФРМ да има повластена позиција во однос на финансирањето и пожелно е да соработува со млади здруженија од областа на филмот, но значењето на ова најстаро здружение не може да се занемари. Дополнително, ДФРМ членува во европски асоцијации каде се плаќа годишна котизација.
– Ние имаме пари од членарина, но секаде во светот дражавата ги субвенционира здруженијата како ДФРМ – потенцира тој.

Иванов ја повтори исклучително лошата состојба во филмот и борбата за права на филмските работници.
– Со статусот слободни уметници се опфатени само мал дел од филмските работници кои можат да остварат право на пензиско и здравствено осигурување. Но, каде е онаа неспецифична категорија филмски работници, гафери, шминкери и многу други кои немаат третман на слободни уметници – рече тој.

За конфликт на интереси спомнат во извештајот од Министертвото за култура беше прашана и новинарката и филмска критичарка Ана Василевска, уметнички координатор на „Златна рамка“.

– Еден човек не може да биде фактор кој одлучува кој филм ќе добие поддршка од Агенција за филм. А зошто Министерството за култура се занимава со мене, новинарка која 25 години пишува критички текстови и е хонорарец е друго прашање. Јас нема да престанам да пишувам критички текстови – рече Василевска.

Во фокусот на прес-конференцијата беше 6. издание на „Златна рамка“. Василевска најави дека пред шест години оваа равија на македонскиот филм е формирана по уренк на многу европски земји, а целта е да се прикаже домашната продукција и сите премиери во изминатата година.

– Посакувам оваа манифестација да го добие медиумското внимание што го заслужува. Ова е и еден вид отчет на сè што било поддржано од Агенцијата за филм. Можеби долгометражните филмови ќе си го најдат патот во киносалите, но кратките и документарните филмови тешко добиваат шанса. Би било убаво равијата да биде прикажана во повеќе градови во Македонија – рече Василевска.

На прашањето каква беше филмската 2023 година во однос на претходните, таа одговори дека не секогаш филмовите имаат премиери во годината во која се финансираат. На некои се работи и повеќе години. Но генерално, просекот е сличен во сите години. Така Македонија годишно има по три долгометражни филмови, 10 до 15 кратки и 5 до 10 документарци.

– Ова воопшто не е лоша бројка. Дојдете да гледаме филм. Проекциите се бесплатни – рече Василевска.

На ова издание публиката ќе има можност да ги види „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова, „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски. Трите почесни награди на церемонијата вечерва ќе ги добијат: Тони Михајловски за истакнат актер, Владимир Анастасов-Вац како истакнат автор и Марина Колоска за истакнат филмски работник.

Сподели