Седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“, што го организира издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ќе започне вечерва во 18 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Под слоганот „Genresis“, фестивалот оваа година ги поставува прашањата: Дали ковид-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор GENESIS? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти? Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана?

Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика со лично присуство во Скопје ќе бидат претставени дури девет автори:  Катарина Винклер од Австрија, Влада Урошевиќ, Огнен Спахиќ (Црна Гора), Сјон (Исланд), Миодраг Мајиќ (Србија), Балсор Хоџа (Косово), Марина Вујчиќ (Хрватска), Софија Лундберј (Шведска) и Михаела Гашпар (Хрватска).

Во фокусот на фестивалот, како и секоја година, ќе бидат промоциите на нивните дела. Покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување што ќе ја одржи Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини.

 

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Скопје, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Градот Скопје, Амбасадата на Австрија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Полска, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар, Друштвото на писатели на Македонија и „Глобал такси“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.