Модерното образование треба да стане меѓународно, а универзитетското мултикултурно, порачаа учесниците на Деновите на руската наука што се одржуваат во Македонската академија на науките и уметностите. Научниците од Македонија и од Русија се децидни дека меѓународниот образовен простор интензивно се развива за да создаде глобална стратегија за образование на човекот, без оглед на местото на живеење и едукациското ниво.

– Денес е невозможно да се обезбеди конкурентност на високообразовната институција и нејзините дипломирани студенти на светскиот пазар на труд, без активна интеракција со странски партнери. Статусот на државите во светот директно зависат од научниот напредок и новите технологии. Но, науката треба да демонстрира и убедливи резултати од своите истражувања кои може да бидат основа за политички одлуки. Затоа се важни постојаните контакти на научниците и нивната професионална интеракција со оние кои донесуваат одлуки и ги спроведуваат на меѓународната сцена – велат научниците од двете земји.

Тие потенцираа дека македонските и руските научници отсекогаш имале и имаат плодна соработка. Има интерес таа да се интензивира, да се реализираат заеднички проекти и истражувања, а обновливите извори на енергија, безбедната храна и заштитата на животната средина се само некои од областите со значителен потенцијал.

Тој најави нов договор помеѓи академиите на двете земји. Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Александрович Баздникин, вели дека за Русија науката е еден од врвните приоритети, а во фокусот се напредните научно-истражувачки центри и талентираните млади луѓе.

– Изборот на дисциплини не е случаен: вештачка интелигенција, биохемија и молекуларна биологија, земјоделски науки и ветеринарни науки. Во овие области развивме плодна соработка. Убеден сум дека Деновите на руската наука ќе придонесат за унапредување на нашите традиционални партнерски врски, а амбасадата ќе продолжи да дава поддршка на соработката – вели Александрович Баздникин.

Во Руската Федерација 2021 е прогласена за година на науката и технологијата, во чии рамки ќе се организираат 86 настани кои ќе овозможат запознавање на пошироката јавност со руската наука на достапен и информативен начин. Еден од настаните се и Деновите на руската наука кои ќе траат до 21 октомври. Ќе бидат одржани четири предавања од различни научни области: вештачка интелигенција, биохемија и молекуларна биологија, земјоделски науки и ветеринарни науки. За овие теми ќе зборуваат академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Велимир Стојковски, проф. д-р Евгениј Варисович Камалдинов и проф. д-р Лариса Александровна Гнездилова.

Фото: Архива на МАНУ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.