„Живописни килими, чипкани милјеа, чад од цигари. Звуци од мотори, бетонски џинови што зрачат топлина, продавачи на зеленчук качени на пластични гајби. Пријателски бездомни мачки, жици за перење натежнати со алишта, звуци од хармоники. Убав, живописен хаос. Сè што ѕирка од под тепихот“. Вака е најавена првата самостојна изложба „Што ѕирка од под тепихот“ на Богларка Фодор што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Во рамките на изложбата концерт ќе одржат „БудаПесме“ акустично дуо составено од вокал и хармоника од Будимпешта во кое членуваат Вероника Варга и Бенедек Рети.

Со изложбата „Што ѕирка од по тепихот?“ пред една недела во Културниот центар „Балкан херитиџ“ беа отворени „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“. Лекторот и преведувач Златко Панзов кој со години ја промовира македонската култура во Будимпешта вели дека конечно се реализираат неговите идеи за поврзување на уметници од двете земји, поддршка на унгарските уметници кои творат инспирирани од македонската култура и забрзаниот културен дијалог и културна дипломатија меѓу Македонија и Унгарија. Тој ги најави содржините во рамките на манифестацијата.

Златко Панзов
– Самостојната изложба на Фодор го прикажува секојдневното животно пулсирање на Македонија низ очите на надворешен набљудувач, некој што набљудува без предрасуди, но со голема љубов. Оршоја Карафиат, унгарска поетеса и книжевна ѕвезда, на македонската читателска публика позната со романот „Малечката Лили“ во издание на „Или-Или“, напиша десет кратки текстови поврзани со илустрациите, испреплетени и со нејзините лични впечатоци од Македонија. За изложбата вели: „Не сакам да насликам хиперреалистичка слика за македонската стварност. Едноставно посакувам, кога некој ќе ги погледне овие слики да го почувствува истото што го чувствував и чувствувам кога сум таму. Но, дали е можно да се чувствува исто?“ Музичко дуо „БудаПесме“ ја прошета публиката низ светот на народната македонска музика, а винаријата Ерос со својот асортиман на вина им овозможи на присутните да уживаат во автохтоните македонски вина Станушина, Жилавка и останатите уникатни вина на оваа македонска семејна винарија – вели Панзов.

Болгарка Фодор и Оршоја Карафиат
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“ се организирани од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија „Теледом“ и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта. Манифестацијата се одржува со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам. Во рамките на проектот „Дијалог меѓу културите“ изложбата ќе биде поставена во Белград и други градови. На 10 јуни, во книжарницата „Или-Или“ во Скопје ќе се одржи настанот „Ден на унгарската книжевност“. Ќе има попусти на сите преводи од унгарски јазик. Во 19 часот публика ќе има можност да ги погледне илустрациите на Богларка Фодор аплицирани на торби, шолји, картички. „БудаПесме“ ќе интерпретира изворна македонска музика, читателите ќе можат да се запознаат со преведувачот Златко Панзов и да уживаат во унгарски вина овозможени од Амбасадата на Унгарија во Скопје.






