„Денови на македонска музика“ од 22 март

47 издание на Фестивалот „Денови на македонска музика“ со концерт на Воениот оркестар на Армијата под диригентска палка на Горан Илијевски ќе биде отворено на 22 март (петок) во 20 часот во големата сала на Филхармонијата. На концертот ќе бидат
изведени дела од македонските композитори создадени за голем дувачки оркестар.

Програмата на 47. Денови на македонска музика е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, но јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и Н.У. Танец – 75 години од основањето.

Вториот концерт е на 24 март во малата сала на Филхармонија, кога камерниот оркестар „Профундис“ со солисти ќе ги изведат делата на композиторите Гоце Коларовски, Фатос Лумани, Дарија Андовска, Гоце Гавриловски и Ангел Спироски.

Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведбите на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет,  Филхармонија, камерниот ансамбл „Алтус“, а ќе заврши со традиционалната трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Уметничкиот одбор и СОКОМ при конципирање на програмата поаѓа од фактот дека домашното уметничко творештво зависи од сите нас, од нашата одговорност и од нашата грижа да овозможиме создавање, изведба и промоција на дела што го означуваат нашето минато, сегашност и иднина.

Влезот на сите концерти е слободен.

Сподели