Од денеска до четврток Општина Илинден ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи јубилејната 25. Литературна манифестација „Илинден 2024“ во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Програмата почнува вечерва во 19 часот, во киносалата на Домот на културата кад еќе биде прикажан играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ.
Трибината „Современа македонска литература и нејзината перцепција (читањето, критиката, медиумите“ ќе се одржи утре, а ќе учествуваа еминентни писатели и литературни критичари. Следува креативна работилница „Гатанките, поговорките и пословиците во македонската литература за деца“ со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од Општина Илинден, како и традиционалното Литературно матине за деца „Пролетно поетско будење на Илинден“ на кое ќе учествуваат повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади.
По повод Меѓународната литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема „Татковина“ за учениците од општинските основни училишта. На матинето за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков, како и културно уметничката програма со настап на АМПИ ,,Илинден“, КУД „Гоце Маркоски“ како и музички настап на ученици од општината.
Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со ДПМ е поетската вечер „Интимно соѕвездие“ посветена на современата македонска љубовна поезија што ќе се одржи на 16 мај (четврток) во 19 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Новина оваа вечер ќе биде промоцијата на посебно издание-книга со текстовите на учениците од минатата година, како и музички настап на Trinity Strings.