„Денот на црвот“ од Симона Јованоска ја доби наградата „Роман на годината“ за 2021 година што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Книгата е издание на „Или-или“, во едицијата „ПроАза“. Лауреатот беше соопштен на денешната прес-конференција.
Во конкуренција за наградата беа 39 романи, а во најтесниот круг се пласираа и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на „Или-или“, „Деса“ од Ивана Трајаноска во издание на „Арс либрис“ и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ што ја објави „Паблишер“. За наградата одлучуваше жирито во состав Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата). Покровител на наградата е „Комерцијална банка“, а се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.