На Градските гробишта „Бутел“ во Скопје денеска ќе биде погребана актерката Катина Иванова. Блиските, пријателите и почитувачите на нејзиното дело ќе може да се простат од големата актерка во капелата од 10 до 11 часот. Погребот е закажан веднаш потоа.
Иванова повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар. Родена е на 1 јуни 1951 година во Скопје. Дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитирала како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976 година). Од 1979 година е член на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во повеќе од 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986) и други.
Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009).
Фото: МНТ





