Семејството, роднините и пријателите денеска ќе се простат од Тихомир Јанчовски. Посмртните останки ќе бидат изложени од 13 до 14 часот во капелата на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Македонската јавност вчера во шок ја прими веста за смртта на Јанчовски. Имаше 58 години. Друштвото на писателите на Македонија се прости од Јанчовски, поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, „Сигмапрес“, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
„Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата,Орце Николов‘, во меѓународното училиште,Нова‘ и во Американската гимназија во Скопје“, соопшти ДПМ.





