Денеска ќе наполнеше 70 години

Нема систем преку кој може да се објасни неговиот актерски систем. Ненад Стојановски,  едноставно, беше карактерот на ликовите што ги играше…- напиша драматургот Александра Бошковска 

„Дипломирав во класата на проф. Илија Џувалековски со просечна оценка 8,37 и 10 по главниот предмет – актерска игра“, напиша Ненад Стојановски. Денес ќе полнеше 70 години. Големиот актер кој беше идол на многу генерации е роден на денешен ден во 1952 година во Скопје. Почина на 14 јули 1998 година.

Сцена од филмот „Пресуда“

– Нема научна методологија која може да одговори на прашањата зошто Ненад Стојановски е најголемиот актер во Македонија, зошто беше толку популарен, зошто се врескаше по него како по рок-ѕвезда. Беше нашиот херој, секој негов лик беше наш Џемс Бонд – за него навивавме, во него бевме вљубени, го имитиравме… Публиката го преполнуваше Драмски поради него, учејќи напамет реплики, монолози, интонации, гестови… Еден голем процент од таа публика се запиша на Факултетот за драмски уметности за да работи со него, покрај него… Нема ниту систем преку кој може да се објасни неговиот актерски систем. Тој, едноставно, беше карактерот на ликовите што ги играше… – напиша драматургот Александра Бошковска во монографијата „Ненад Стојановски – споменар“, објавена во 2005 година, која таа ја уреди заедно со Викторија Рангелова.

Во неа, меѓу другите, зборува и Слободан Унковски, кому Стојановски му беше омилен актер. Тој вели:
„Постојано сум имал отпор да го гледам кај други режисери. Љубомора? Ја сакав својата идеја за тоа кој и како треба да игра. Не ми паѓаа лесно неговите одушевувања со други режисери. Мислев дека е некако само мој, дека е еден вид мој производ, што не е точно. Еден вид моја заштитан марка. Би сакал да е точно. Но, тој беше само свој, докрај посветен на тоа што го работи, со комплетно автентичен процес на креирање на ролјата. Го играше тоа што го мислеше, што го чувствувашпе и препознаваше. Ако не знаеше како, одеше кај авторот (многу често Горан Стефановски) или дружејќи се со мене се обидуваше заедно да дефинираме каде би можеле да го развиеме ликот. Понекогаш ќе се откинеше од процесот на пробување и ќе поминеше некое време на други места, за да се врати некако очистен и подготвен за натаму.“

Ненад Стојановски беше театарски, филмски, телевизиски актер. Играше во: Време, живот, Среќна Нова ’49, Диво месо, Болва в’ уво, Трговецот од Солун, Илинден, Трст виа Скопје, До-ре-ми, Од зад грб. По членувањето во Детската радио-драма и во експерименталните аматерски драмски состави „Кактус“ и „Кај Св. Никита Голтарот“, а по завршувањето на Факултетот за драмски уметности, Стојановски настапувал на сцената на Драмскиот театар во Скопје, а гостувал и на повеќе други сцени.

Повеќе пати настапувал на Дубровничките и Сплитските летни игри, а учествувал и во повеќе проекти при Драмата на Македонскиот народен театар. Добитник е на голем број високи сојузни и републички награди и признанија: две Стериини награди, највисокото општествено признание на Македонија, Наградата „11 Октомври“, Наградата на „Млад борец“, на ревијата „Екран“ за најпопуларно филмско и ТВ лице и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Сцена од „Диво месо“

Во 1985 година е прогласен за глумец на годината според ревијата „Екран“, добитник е на Наградата на весникот „Дневник“ од Нови Сад, добитник на „Златен медал“ на Театарските свечености во Шабац, за улогата во претставата „Кула Вавилонска“.

Филмографија

1975  Илинка ТВ-филм   Дејан
1976  Цимерите од соба 306 ТВ-филм
1977  Пресуда ТВ-филм
1977  Сослушувањето на железничарот ТВ-филм
1981  Лет во место ТВ-филм    Михајло
1982  Илинден ТВ-серија
1983  Ликвидатор ТВ-филм
1983  Записник ТВ-филм
1984  Јуначко колено ТВ-серија
1984  Лет во место ТВ-филм
1984  Диво месо ТВ-филм
1984  Дупло дно ТВ-филм
1984  Камчевци ТВ-серија
1985  На наш начин ТВ-филм
1985  Од зад грб ТВ-филм
1985  Тетовирани души ТВ-филм
1985  Трговецот од Солун ТВ-филм
1985  Бушава азбука ТВ-серија
1986  Состојба на инфаркт ТВ-филм
1986  Среќна нова ’49 ТВ-филм
1987  Трета доба ТВ-филм
1987  Смртта на Дантон ТВ-филм
1987  Хај-фај ТВ-филм    Матеј
1988  Скопски сновиденија ТВ-филм
1988  Мојсие од моето масло ТВ-филм
1988  Црна дупка ТВ-филм       Силјан
1989  Тврдокорни ТВ-серија
1989  Еурека ТВ-серија
1990  Трст виа Скопје ТВ-серија          Кирил
1990  До, ре, ми ТВ-серија
1990  Кула вавилонска ТВ-филм
1991  Опстанок ТВ-серија
1991  Болва в’ уво ТВ-филм
1991  Царуга ТВ-филм
1992  Заминување од Пасквелија ТВ-филм
1992  Време, живот ТВ-филм
1992  Сили во воздухот ТВ-филм       Миле
1992  Чернодрински се враќа дома ТВ-филм
1993  Грев или сприцер ТВ-филм
1994  Прекалени ТВ-серија
1997  Ojdipus Tiranos Sofocleus ТВ-филм
1997  Добредојдовте во Сарајево ТВ-филм
1998  ТВ Театар ТВ-серија
1998  Збогум на 20-тиот век
1998  Бегство ТВ-филм
1999  Време, живот ТВ-филм

Ненад Стојановски освои бројни награди:

Награда на Фестивалот „Стериино позорје“ за улогата на Андреја во претставата Диво месо (Нови Сад, 1980);
Награда за најдобар млад глумец на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Козаков во претставата „Бркотница“, (Прилеп, 1981);
Награда за најдобра епизодна улога на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Козаков во претставата Бркотница (Прилеп, 1981);
Награда за глумечко остварување на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Пиги во претставата „Среќна Нова ’49“ (Прилеп, 1985);
Награда „11 Октомври“ за улогата на Јаков III во претставата „Дупло дно“ (1985);
Награда за најдобро глумечко остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Пиги во претставата “Среќна Нова ’49“ (1986);
Награда од списанието „Дневник“ од Нови Сад за најдобро глумечко остварување на Фестивалот „Стериино позорје“ за улогата на Миле во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989);
Златен медал на Театарските свечености „Љубиша Јовановиќ“, за улогата на Дамјан во претставата „Кула вавилонска“.

(С.Ѓ.)

Сподели