На малата сцена на Театар Комедија на 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар, во режија на Сибел Абдиу. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика – Аљбин Сопа.
− Делото „Демнејќи го Годо“ на Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу Театар Комедија Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес – вели режисерката Абдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.
Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.
„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија годинавa. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40. претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.





