Делото „даМар“ од композиторката Дарија Андовска вечерва на IRC во Белград

Kомпозицијата „даМар“ за соло виола и гудачки оркестар од македонската композиторка Дарија Андовска вечерва во 20 часот ќе биде изведена на концертот на ансамблот „Метаморфозис“ во „Биоскоп Балкан“ во Белград. Концертот е во рамките на 67. издание на IRC – International Rostrum of Composers, а Андовска е најавена како драг гостин од Македонија во програмата со реномирани современи српски композитори како Бранка Поповиќ, Александра Вребалов, Наташа Богојевиќ, Иван Марковиќ и Драгана Јовановиќ.

Ансамблот „Метамофрозис“ и нивниот уметнички раководител Саша Мирковиќ се едни од водечките промотори на современа музика во Србија и на Балканот.

Интернационалниот рострум на композитори веќе седма деценија е најважната платформа за размена на современа музика преку радио-емитување и голема можност за професионалниот развој и размена на искуства помеѓу радио-продуценти и презентери. Повеќе од 35 национални радиостаници од целиот свет учествуваат со повеќе од 100 дела кои не се постари од 5 години. Во последните 2 години делата на композиторите биле емитувани над 2000 пати на учесничките радиостаници низ целиот свет.

Македонија не учествува во овој настан преку соработка со сопствена радиостаница. Но, македoнската авторсkа музика ќе прозвучи преку делото на Андовска и на „Метаморфозис“. Композицијата „даМар“ имаше праизведба во Белград во јули годинава.