Делегирани буџети за „Охридско лето“ и „Браќа Манаки“, по 4 милиони денари за Скопски џез фестивал и за „Војдан Чернодрински“

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам годинава изнесува 5.194.975.000 денари, на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2026 година пристигнале 2.618 пријави

По 4 милиони денари добија Скопскиот џез фестивал и театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава одбележува 60 години од основањето. По 3 милиони денари добија Меѓународен театарски фестивал „Скупи фестивал“ и Македонската асоцијација на издавачи за претставување на македонкстата литаратура на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт. Ова се најголемите буџети што ќе влезат годинава во кулурата. Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам годинава изнесува 5.194.975.000 денари, што е за околу 520 милиони поголем од минатата година. Резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2026 година денеска ги соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Конкурсот беше отворена од 30 септември до 31 октомври лани, а пристигнале 2.618 пријави.

Во објавените резултати не се фестивалот „Охридско лето“ и Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Тие се дел од 28-те институции кои ќе работат со делегиран буџет и самите ќе ја објават програмата што ќе ја работата годинава.

Според Љутков, селекцијата се одвивала врз основа на јасно дефинирани критериуми, однапред дефинирани приоритети и од стручни комисии составени од компетентни лица од соодветни области. Повеќе пари има во повеќе дејности, а внимание е посветено на современо творештво, меѓународната соработка и креативните индустрии, области кои носат културна вредност, но и значаен економски потенцијал.

– Интересот што и оваа година го покажуваат уметниците и културните организации потврдува дека нашата културна сцена е динамична, иновативна и подготвена за создавање. Културата не ја гледаме како трошок туку како стратегиска инвестиција во нашиот национален идентитет, во креативниот потенцијал на луѓето и во иднината на целото општество. Лани за првпат беше воведен модел на делегиран буџет за националните установи, како пилот-проект за 18 од нив. Моделот годинава ќе се прошири на 28 национални установи со делегиран буџет поради позитивните искуства. Ова е конкретен чекор кон поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства и кон јасно дефинирана одговорност и отчетност – рече Љутков.

Најголеми буџети во делот за музичко-сценска дејност се издвоени за Интернационалниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ – 800.000 денари и циклус концерти бо Скопје, Охрид и во Битола на нашиот пијанист Симон Трпчески (704.000 денари). Гудачкиот оркестар „Ајга“ за проектот „Песни од срцата“ доби поддршка од 582.000 денари. Музичка младина на Македонија доби 402.000 денари за концертната дејност годинава и одбележувањето на 40 години работа.

Во рамките на драмската дејност, со најголем буџет – 700.000 денари ќе биде финансиран мјузиклот „Као какао“, според текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, по музика од Влатко Стефановски. 450.000 денари доби проектот „Татко“ од Август Стринберг, во режија на Нина Николиќ во продукција на „Перипетија“, а 402.000 денари доби „Животот ни стана стенд ап“ од Фатос Бериша, во режија на Адриан Азири. Со по 400.000 деанри се поддржани проектите: „Регрутација“, според драмското дело „Next“ од Теренс Мекнеил, во режија на Нехат Мемети, „Штета би било да свенат цвеќињата“ по истоимената драма од Ивор

Мартиниќ, колективна режија, ко-автор и режисер Дамјан Читкушев, „Терапија“ во адаптација и режија на Сулејман Рушити, „Просјачка опера“, по мотиви на Бертолд Брехт, во режија Наташа Поплавска.

Од областа фолклор најголем подрршка (300.000 денари) доби Целовечерната концертна манифестација на фолклорни културно-уметничко друштва и ансамбли ,,Н’Дардани бјен њи тупан 2026“. По 200.000 денари добија ансамбл „Орце Николов“ за проектот „Во ритамот на народот“, Културно уметничкото друштво „Јени Јол“ за целовечерен концерт со кој ќе одбележат 10 години, Домот на културата „Мирка Гинова“ по повод 70 годишниот јубилеј, Здружението на етнокореолози на Македонија за Музичка приказна со ансамблот „Македонија“, Ансамблот на народни инструменти и песни Стефче Стојковски и други.

Од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн, најголема поддршка доби Друштвото на ликовните уметници на Македонија за „Јубилејна изложба 80 години постоење на ДЛУМ“ (400.000 денари) и за реализиција на годишната програма (400.000 денари). Проектот „Скопје: бруталистичка метропола“ на здужението „Континео“ доби 280.000 денари, Центарот за современи уметности за „Изложби во Мобилна/Монтажна галерија“ (260.000 денари), Остен Арт „58. Светска галерија на карикатури“ (200.000 денари) итн.

Од издавачката дејност „Смрт во Венеција“ од Томас Ман – издание на Брајово писмо доби 320.000 денари, „Moderato cantabile“ од Маргерит Дирас – издание на Брајово писмо – 300.000 денари. Издавањето на „Правописно-нормативен речник на македонскиот стандарден јазик“ (том II) од Елизабета Бандиловска (280.000 денари), „Енциклопедија за окултизмот во антиката и македонската народна традиција“ од Лидија Ковачева (280.000 денари), „Македонската фразеологија во литературата за деца“ од Бисера Павлеска-Георгиевска (252.000 денари), „Минатото доаѓа/Proslost dolazi“ од Дубравка Стојановиќ во превод на Ирена Стефоска (210.000 денари) и други.

Во Меѓународната дејност предводник е МАИ со пртставување на Македонија на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт со 3 милиони денари. МАИ ќе ја претставува современата македонска книжевност за деца на Меѓународниот саем на книгата за деца во Болоња (600.000 денри).

Во ателјето во Париз ќе престојуваат уметниците: Симонида Филипова-Китановска, Доротеј Нешовски, Филип Коруновски, Ангел Коруновски и Игор Таневски.

Во рамките на интердисциплинарните проекти поддржани се „Јавна соба“ од Скопје за проектот „Современ македонски дизајн“ во рамките на Фестивалот „Миксер“ во Белград со 1.440.000 денари, Друштво за производство, трговија и услуги „Ви енд натуре ДООЕЛ“ од Чучер-Сандево за проектот „Емоционален реализам“ во Утрехт, Холандија со 1.005.000 денари. Манифестацијата „Денови на македонска култура“ во Будимпешта (600.000 денари), Здружение на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ од Скопје за „Македонско културно лето“ во Пустец и во Корча (750.000 денари) и други.

Во областа манифестации и фестивали се најголемите буџети –  49. издание на „Денови на македонска музика“ доби 2.320.000 денари, Скопскиот џез фестивал – 4 милиони денари, а „Офф-фест“ 2.400.000 денари, Хорскиот фестивал на православна духовна музика ТЕХО 2026 (1.000.000 денари), а по 2.400.000 денари добија „Д Фестивал“, „Скопје колинг“ и фестивалот „Таксират“.

„Макфест“ е поддржан со 1.350.000 денари, „Интерфест-Битола“ и „Златна лира“ со по еден милион денари, „Танц фест“ со 2.400.000 денари, МОТ со 2 милиона денари, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп со 4 милиони денари, 20. Меѓународен театарски фестивал Скупи фестивал“ со 3 милиони денари, 25. Фестивал „Албански театар во Македонија“ – Дебар со 1.860.000 денари, Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ од Струмица (1.830.000 денари), Галичка свадба (1.200.000 денари), Меѓународен фолклорен фестивал „Кенге Јехо“ – Струга (1.152.000 денари), Фолк-фест „Валандово“ (1.105.000 денари), Саем на книга (1.704.000), 59. Летна школа и 53. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1.992.000 денари), „Јавна сова“ за Музичкиот фестивал „Сцена 2026“ (1.400.000 денари).

Највисоките биџети во библиотечна дејност изнесуваат 150.000 денари, а меѓу добитниите се Градска библиотека „Браќа Mиладиновци“ од Скопје за збогатување на библиотечниот фонд за лица со оштетен вид во Катчето за слепи и лица со оштетен вид, Градската библиотека „Борка Tалески“ од Прилеп за „Библиотеката како културна институција во време на криза: Студија за јавната библиотека во Прилеп“, Локална библиотека „Гоце Делчев“ од Велес за набавка на монографски публикации за одделот за возрасни итн.

Во музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство најјголеми буџети добија „Струмички карневал 2026“ (1.005.000 денари) и „Вевчански карневал 2026“ (1.500.000 денари). 350.000 денари доби проектот „Патеката на боите – интерактивно патување во Шарената џамија во Тетово“, а по 300.000 денари се издвоени за Градска вила (Villa Urbana) – базилика со крстилница во Скупи, Големата римска терма и големата ранохристијанска базилика со атриум (комплекс Терма – базилика со атриум) во Скупи, Организирање на меѓународна конференција: „Ресурси – производство – трговија: економски мрежи на доцноантичките утврдени населби“ Институтот за старословенска култура во Прилеп и други.

Од областа за недвижно културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра 300.000 денари доби проектот „Терапија за промоција на културното наследство – Уметноста ја крши тишината“, а Македонското археолошко друштво за подготовка и публикување на стручното списание „Macedoniae acta archaeologica“ бр. 27 (247.500 денари).

Сподели