Пишуваат: Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и асс. м-р Иван Антоновски

Присутноста на историската личност како лик во книжевноста на еден народ е клучен показател дали и колку таа е врежана во колективното себеспознавање и себеидентификување. Оттука, присуството на Гоце Делчев во македонската книжевна традиција е еден од постулатите на неспорната согледба за неговиот неприкосновен статус на историска личност којашто е национален симбол и легенда.

Но, додека во книжевното искуство на други народи, историските јунаци се доминантно присутни во поезијата и со одредени проблесоци во прозата, во македонската книжевна традиција, Делчев е непрекинато присутен и во драматургијата – од удирањето на темелите на македонскиот современ театар, на самиот почеток на 20 век до постмодернизмот. Додека кај другите народи, барем во јужнословенскиот ареал, во драмските текстови, историски личности од 19 и 20 век се присутни, пред сè, поводно или барем не со дотолку забележлива фреквентност и посветеност на автори од различни историски периоди, Делчев се пројавува во македонскиот драмски текст во сите стилски формации низ коишто досега мина македонската современа книжевност.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и асс. м-р Иван Антоновски

Почетоците на присуството на Гоце Делчев во македонската драматургија датираат од 1903 година, кога по повод неговата погибија, Војдан Чернодрински му ја посветува и ја поставува на сцена сценката „Срешта“ – првата македонска драма во стихови, односно оперетка. Со посветата и поводот за настанување на „Срешта“, Чернодрински го внесува Делчев во историјата на македонската драматургија.

Сепак, иако во сценката нема лик со името на Делчев, преку којшто тој би бил експлицитно присутен на сцената, евидентна е неговата имплицитна присутност. Иако во сценката се насетува реферирањето на гемиџиството, сепак, доминантата е карактеристиката на носечкиот машки лик како војдова, лидер, водач којшто е подготвен сè да жртвува за слободата и татковината – улога којашто во народното поимање ја има пред сè Делчев. Всушност, и репликите коишто му се припишуваат на овој лик и сегменти на фабулата се карактеристични за народното поимање на Делчев, што е евидентно ако се направи компарација и со неговото портретирање во македонската народна поезија. Ова упатува на можноста и потребата народното поимање на Гоце како легенда и историска личност да се препознае како интертекст на „Срешта“ на Чернодрински.

Со „Срешта“, всушност, започнува првата фаза на присуството на Делчев во македонската драматурија како лик зад сцената или лик што се насетува – лик којшто се препознава како иницијатор и/или инспиратор на делото, драмското дејство или за некои од ликовите. Доминантно, ваквото присуство на Делчев е во драмските текстови посветени на Илиденското востание. Конкретни примери за ваквото присуството на Делчев во македонската драматургија се драмата „Илинден“ од Никола Киров Мајски (1923) и драмата „Ајдучка полјана“ од Димитар Молеров (1926). Присуство на Делчев како лик-палимпсест или лик-хипертекст, е клучна алка во континиумот на неговото присуство во македонската драматургија во текот на целиот XX век.

Методија Илиевски како Гоце Делчев во првата опера „Гоце“

Почетокот на втората фаза на присуство на Гоце Делчев во македонската драма се случува на средината на 20 век, кога тој се појавува како централен, полнозначен лик во книжевна и театролошка смисла – главен протагонист на сцената, носител на дејството во драмски текст, најпрво со драмата „Гоце“ од Венко Марковски, премиерно изведена во Македонскиот народен театар во октомври 1951 година, за потоа да следи и првата македонска опера „Гоце“ на Кирил Македонски, со либрето на Марковски, којашто својата премиера ја доживеала во мај 1954 година.

Треба да се има предвид и дека со Делчев е поврзана и првата македонска оперетка и првата македонска опера, бидејќи тоа дополнително упатува кон заклучокот дека Делчев е клучен чинител на македонската културолошка естетика.

Од драмата, ликот на Делчев, во периодот на модернизмот, во 1972 година, минува и на филмската лента – преку „Табакерата“, телевизискиот филм со сценарио на Ѓорѓи Абаџиев и Ташко Георгиевски, во којшто се екранизира и драмски се поставува истоимениот расказ на Абаџиев. За модернистичкото портретирање на Делчев може да се посочат и телевизиските серии „Курирот на Гоце“ (1978) и „Илинден“ (1983), но и монодрамата „Гоце“ на Ката Мисиркова-Руменова, екранизирана во 1993 година. Во нив, Делчев е тому онаков каков што е и во колективната меморија на нацијата, портретиран модернистички, а наместа и со евидентна реалистичка интервенција.

Ристо Шишков во „Табакерата“

Присуството на Делчев во македонскиот драмски текст во завршницата на 20 век се случува и преку друга драма во којашто Делчев е и носечки лик на сцената – едночинката „Гоце“ од Горан Стефановски, пишувана по порачка и изведена на манифестацијата „Македонско оро“, на Канадско-македонската федерација, во Торонто, Канада, 1991 година. Во „Гоце“ на Стефановски, Делчев за првпат постанува постмодернистички драмски лик. Гоцевиот лик е критичар по веќе решена историска практика, што доведува и до своевидна идеолошка травестија. Неминовен е фактот дека на овој драмски текст на Стефановски, досега е посветено најмалку внимание, но, по неговото денешно исчитување се доаѓа до заклучок дека токму со него, иако е едночинка, а потоа и со драмскиот текст „Чернодрински се враќа дома“, Стефановски, преку новиот историцизам го најавува своето поетичко повторно вкотвување во постмодернистичкиот дискурс, а не помалку и во постмодернистичкото поимање на историјата и стварноста.

Со „Чернодрински се враќа дома“ (оваа година се навршуваат точно 30 години од нејзината праизведба), Стефановски не само што упатува критика и прави постмодернистички обид Чернодрински, навистина да го врати дома, туку преку една сцена ја реактуализира и „Срешта“ – оперетката посветена на Делчев. Дали на тој начин Стефановски не посакува и Делчев да го врати дома, на македонската книжевна и културна сцена?

Задржувајќи се на теренот на македонската драма, мораме да напомене дека во нови форми, соодветни на културниот контекст и стилската формација, на или зад сцената, Делчев доминантно се јавува во драматични времиња – во годината кога се случува Илинденското востание, во периодот меѓу двете светски војни, во годините по вториот Илинден во асномска Македонија и во периодот на третиот Илинден – 1991-1993 година. Го проследуваме историскиот континиум, ја согледуваме и нашава современост и се запрашуваме: ќе се појави ли Гоце Делчев на или зад сцената и во нашава современост?

Сцена од монодрамата „Гоце“ со Томе Витанов

Согледувајќи ја македонската драмска книжевност како клучен показател за македонската културолошка естетика, имајќи го предвид континуиумот на неговото драмско присуство на којшто се осврнавме, неминовно е да се констатира дека Делчев во неа не е само мит-јунак, туку и јунак-културен код и јунак-културолошка совест, којшто опоменува и нè навраќа кон неговата идеја.

„Делчев во македонскиот код на драмскиот текст“ претставува извадоци и поенти од поголемиот научен труд на авторите Мојсова-Чепишевска и Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, што денес ќе биде презентиран на Научната конференција посветена на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.