Изложбата е избор на дела од колекцијата „Артист 2000+“ на Модерна галерија и националните колекции од Љубљана, во дијалог со колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност во Скопје
Дела од Казимир Малевич, Марина Абрамовиќ, но и од Петре Николоски, Симон Узуновски, Иван Кожариќ, Катаржина Козира ќе бидат изложени вечерва во 20 часот Музејот на современата уметност во Скопје во рамките на меѓународната изложба „Истокот e сè уште можен“ на љубљанската галерија Музејот на современа уметност „Метелкова“ од Љубљана и МСУ од Скопје. Ова е возвратна изложба по отворањето на поставката „Ткаење светови“ што пролетва беше отворена во Љубљана. Куратори на изложбата се Бојана Пишкур и Мартина Вовк од Словенија и Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ.
„Истокот e сè уште можен“ е избор на дела од колекцијата „Артист 2000+“ на Модерна галерија и националните колекции од Љубљана, во дијалог со колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност во Скопје и се занимава со постојано еволуирачкиот сеприсутен потенцијал и визија за трансформација и регенерација, како и постојаното повлекување кон трагедијата на секојдневниот живот.
– Таа инклинира кон првото, верувајќи дека сè уште има простор за радикално замислување на сегашноста. Во овој контекст, изложбата ја прикажува уметничката продукција не како пасивна рефлексија, туку како генеративна алатка за ангажирање со дијалектиката на разочарувањето и можноста. Уметничките стратегии извлечени од регионот нудат механизми за отпор, колективна меморија и спекулативна имагинација, алатки неопходни за навигација низ распаѓањето на политичките и општествените имагинариуми во ера сè повеќе дефинирана од прекарност – велат кураторите.
Изложбата се одвива во два поврзани сегмента. Секој од нив прераскажува посебни приказни. „Покажи ми ги твоите рани (регенерација)“ ги опфаќа приказните за „Телото како простор за отпор“; „Идеологии и субверзии“ и „Иронијата и апсурдот како стратегии на критичка дистанца“. Овој дел ги испитува телото, јазикот и иконографијата како места преку кои уметниците изведувале, се спротивставувале и ги поткопувале идеолошките и афективните режими.
„Нова реалност како артефакт на трансформација“ ги прераскажува приказните за „Документирање на реалноста“ и „Утопијата како простор на општествени алтернативи“.Тој ги испитува документацијата, меморијата и утописките спекулации како методи на уметничко ангажирање и со историската и со можната иднина.
Колекцијата „Артист 2000+“ е првата музејска колекција фокусирана на повоените источноевропските авангардни уметнички практики во поширок меѓународен контекст. Од своето основање во 2000 година, таа обезбеди длабински увид во уметничката продукција на регионот, осветлувајќи ги општествените и политичките предизвици со кои се соочуваат уметниците во поранешните социјалистички земји. Колекцијата на солидарноста на МСУ е резултат на глобален одговор на катастрофата, земјотресот што го разурна градот во 1963 година. Одговарајќи на повикот за уметничка солидарност, уметници од целиот свет подарија свои дела, заеднички креирајќи колекција заснована на меѓународна размена, одговорност и дијалог. Заедничката изложба ги нагласува напорите за соработка меѓу двата музеја, за кои се очекува да се прошират преку понатамошни партнерства.
Изложбата ќе биде отворена до 29 март идната година. Ова се авторите селектирани во поставката: Марина Абрамовиќ, Маја Бајевиќ, Гета Братеску, Јозеф Бојс, Ала Георгиева, Томислав Готовац, Јон Григореску, Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич), Власта Делимар, Брацо Димитријевиќ, Оршоја Дроздик, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Иван Кожариќ, Катаржина Козира, Александар Косолапов, Андреја Кулунчиќ, Владимир Купријанов, Лајбах, Казимир Малевич, Горанка Матиќ, Алекс Млинарчик, Петре Николоски, Ахмет Огут, ОПА, ОХО, Ирена Паскали, Геза Пернецки, Душан Перчинков, Марко Погачник, Дмитриј Пригов, Нихад Нино Пушија, Јозеф Робаковски, Дритон Селмани, Недко Солаков, Младен Стилиновиќ, Раша Тодосијевиќ, Ендре Тот, Игор Тошевски, Горан Трбуљак, Симон Узуновски, Стано Филко, Венко Цветков, Виолета Чаповска, Что Делат, Небојша Шериќ-Шоба.
Дизајнот за изложбата е на Јован Ивановски, а визуелно решение на Илиана Петрушевска.





