Во издание на реномираната, најстарата албанска приватна издавачка куќа „Фан Ноли“ од Тирана, деновиве излегоа од печат преводите на книгите „Човечулец“ на Александар Прокопиев  и „Храпешко“ на Ермис Лафазановски. Ова е уште една потврда за успешниот преведувачки поход на овие дела низ светот, со досега десетина преводи на балкански и светски јазици.

Книгата „Човечулец: Бајки од левиот џеб“ оригинално е издадена од „Магор“ во 2011 година. Преводот на албански го направи Џими Лазри.

Бајките за возрасни се тест на зрелоста, прифаќање на вечните вредности надвор од светот на егоизмот, заблуденоста и заглупеноста. Го отсликуваат животот во неговата бескрајна непредвидливост, во реалноста и фантазиите, сонот и јавето. Секој треба да го открие својот пат кон сопственото значење, откривајќи го повторно, на зрел начин, значењето на љубовта, моќта на доброто, како и уживањето во вечната игра на креативноста. „Човечулец“ е веќе објавена на: англиски, турски, арапски јазик и др.

„Храпешко“ на Ермис Лафазановски е беше претставник на Македонија за наградата „Балканика“ во 2006 година, а веќе е преведен на хрватски, словенечки, српски и на француски јазик. Преводот на албански го направи Џемиле Зукај.

Хуморескно, меѓутоа воедно и сериозно авторот раскажува за згодите и незгодите на главниот лик Храпешко, за умешноста на создавањето и преживувањето, за копнежите и соништата, за животната енергија и љубовта, за животот во татковината и во странство.

Минатата година во издание на „Фан Ноли“ излезе и романот „Неверство“ на Дејан Трајкоски. Вториот роман на Трајкоски е објавен во 2014 година, а досега е преведен на англиски, ерменски, арапски јазик, српски и на бугарски јазик.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.