Во рамките на традиционалната соработка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и Општина Охрид, вечерва во 20 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе бидат промовирани книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика (македонска и светска)“ од Димитар Пандев. Промотор на двете изданија ќе биде Иван Антоновски.
Изминативе години, на летните школи на МСМЈЛК при УКИМ, пред семинаристите – странски македонисти и слависти, редовно се промовираат изданијата на Општина Охрид кои се важни за македонската книжевност и култура, а за сите учесници, редовно, Општината обезбедува и бесплатни примероци кои потоа стануваат дел од славистичките библиотеки на универзитетите ширум светот.
Преку едната од книгите кои кои ќе бидат промовирани, странските слависти и македонисти, особено оние од помладите генерации ќе можат подетално да се запознаат со она што е напишано за светите Климент и Наум Охридски во науката од почетокот на славистиката па наваму, вклучително и за нивното значење за просветителската дејност на македонското тло и воопшто во словенскиот свет, а од друга страна и со присуството на култот кон светите браќа засведочен во македонската книжевност – народна и авторска. Преку другата книга во која на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и воопшто творештвото ма Славе Ѓорѓо Димоски, семинаристите ќе можат подетално да се запознаат со вредностите на опусот на еден од најистакнатите современи македонски поети, а некои од нив и да ги надградат своите доегашни сознанија, имајќи ги предвид присуството на творештвото на Димоски во наставата на некои странски универзитети и преводите од неговата поезија на триесет јазици.