„Дефрагментација“ е насловот на изложбата која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Ќе бидат претставени дела од колекцијата на МСУ подарени од Чешка, Унгарија, Полска и од Словачка. Ќе бидат изложени вкупно 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и МСУ, а куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
– Изложбата е и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, а ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики создавани помеѓу 1905 и 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од овие земји од Централна Европа – велат од МСУ.
Во колекцијата на Музејот се чуваат вкупно 5.291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. Квантитативно и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.
– Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на дела од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање – велат од МСУ.
Веднаш по веста за земјотресот во Скопје, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подаруваат дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.
По подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од Колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет.
Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата ќе биде отворена до 15 септември.





