Дефицитарни кадри: Во Македонија нема невработени физичари

Работа може многу лесно да се најде, тргнувајќи од фабриките, лабораториите, образовните институции, велат студенти од Институтот за физика при ПМФ

Едниот студира астрономија и астрофизика, другиот применета физика, а третиот медицинска физика. И ова се само дел од насоките што може да се изберат на Институтот на физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Давид, Павел и Адам доаѓаат од различни делови на Македонија и имаат различни афинитети, но секој од нив е апсолутно вљубен во физиката. Ова се нивните приказни.

Давид Ангеловски има 22 години. Роден е во Куманово. Матурирал во средното училиште „Наце Буѓони“ во родниот град. Уште во првите години од средното образование го привлекла оваа наука.

– Како основец можеби и не толку многу, но предавањата во текот на средното образование ми створија желба да научам нешто повеќе. Немаше некој пресуден момент кога решив да студирам физика, едноставно не размислував за некој друг избор – вели Давид.

Во раните средношколски години присуствувал на неколку предавања на „Астрономска школа“ организирана од Македонското астрономско друштво. Тоа било и зародиш на идејата да студира физика и тоа токму астрономија и астрофизика. На Институтот за физика наишол на одлична атмосфера за работа – навистина коректни професори и асистенти во текот на предавањата и на страна од нив, при комуникација со студентите.

Давид Ангеловски

– Отворени се да сослушаат идеи од секаков карактер, како за начинот на одвивање на наставата, организирање на настани од страна на студентите, подготовка на студентите за светски натпревари или каква било координација. Атмосферата би ја опишал како што доликува на институција од висок карактер. Што се однесува до испитите, си зависи до секој поединец, некои се потешки, некои подолги, некои полесни – вели Давид.

Според него, физичарите се дефицитарен кадар што значи дека работа може многу лесно да се најде, тргнувајќи од фабриките, лабораториите, образовните институции…

– Работата по дипломирањето е скоро загарантирана, тоа е мојата препорака. Секако мора да ја спомнам и високата стипендија која ја добиваат студентите во текот на сите години од студирањето – вели Давид.

Пријатна атмосфера на факултетот

Павел Поп-Димитров од Штип има 21 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Славчо Стојменски“ и во моментот студира на насоката применета физика. Уште во основно улилиште имал интерес за физика, хемија и математика и уште тогаш својата иднина ја гледал на Природно-математичкиот факултет.

– Особен интерес имав за правење експерименти од физика. Ме интересираше и да изучам врз основа на кои принципи функционираат природата, вселената и човечката технологија – вели Павел.

Тој потекнува од фамилија хемичари и прво сакал да студира хемија, но кога дошло време за запишување на факултет, сепак љубовта кон физиката надвладеала. Се запишал на насоката применета физика бидејќи била најсоодветна за неговите интереси.

– Оваа насока нуди основни знаења за повеќе различни области од физиката. Студиската програма има сличности со предмети кои се изучуваат и во другите студиски програми на Институтот за физика што е олеснување доколку некој цели кон дополнително изучување на некоја од останатите насоки – вели Павел.

Павел Поп-Димитров

Тој е задоволен од пријатната атмосфера на факултетот. Според него, професорите и асистентите се професионални во вршењето на својата работа, подготвени да помогнат на своите студенти и да вложат дополнителен труд за да им овозможат подобро да го совладаат материјалот.

– Знаат да ги препознаат и да одговорат на потребите на своите студенти. Постојано се трудат да ни дадат дополнителни знаења и податоци за темите кои ги изучуваме и експериментите кои ги изведуваме. Професорите, асистентите и студентите взаемно се почитуваат и се љубезни едни кон други. Испитите од секој предмет се со соодветно ниво на тежина така што те подготвуваат добро и те снабдуваат со материјал за идните предмети кои бараат предзнаења од истиот. Дипломираните студенти се непосредно оспособени за примена на мерни техники за голем број на намени, особено за топлински, електрични и оптички мерења и калибрации на инструменти и мерни системи. Има растечка побарувачка за вработувања во индустриски лаборатории, во биро за метрологија, институт за акредитација, академски и истражувачки институции во земјава, но и во Европа и светот – вели Павел.

Според него, особено е голем недостатокот од професори по физика во сите градови низ државата, што би значело дека дипломиран професор по физика би можел да се вработи веднаш по завршувањето на студиите.

– Исто така, и студентите кои завршуваат на другите насоки можат да работат како професори во средните училишта бидејќи се во голема мера подготвени да го водат образовниот процес по физика. Физичарите се дефицитарен кадар и нема невработени физичари. Тие се потребни во денешниов современ свет – вели Павел.

Помалиот број студенти како предност

Адам Стојановски има 20 години. Роден е во Скопје, а детството го поминал во Битола каде што го завршил средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Неговите интереси се во медицинскате физика. Адам уште во детството бил љубопитен и се интересирал за различни сфери, учествувал на натпревари, во организации и многу активности. Добивал разни признанија и оддржувал висок просек. При уписот на Институтот за физика ја предвоел листата.

– Пораснат сум со два професора. Баба ми, професорка по хемија е виновникот што го всади семето за моите асприрации кон природните науки, а нешто подоцна се јави интересот кон физиката. Ефективно сум дел од генерациите кои поминаа низ разни образовни реформи, фактори во моето образование, но сепак успеав да ги задржам афинитетите – вели Адам.

Адам Стојановски

Кога размислувал каде да продолжи со образованието, ги разгледувал можностите на Природно-математичкиот факултет и дознал за насоката Медицинска физика, која е симбиоза од физика, медицина, математика, хемија и биологија.

– Медицинската физика има влијание врз медицинската практика за подобрено дијагностицирање, третман на болести, радијациона сигурност при работа и со широкиот дијапазон на гледишта и истражувања пружа светла долгорочна иднина, па со тоа го ставив печатот на мојот избор – објаснува Адам.

Тој е дециден дека помалиот број студенти овозможува познанства скоро со сите колеги, што резултира со меѓусебна помош, поддршка и дружба. Од друга страна, нуди полесен и побрз пристап до професорите, побрзо истакнување, напредување и секако добри односи, мотивација и почит помеѓу студентите, професорите и асистентите.

– Испитите и предметите се со разлчина тежина и критериуми, но затоа се предавањата, консултациите, колоквиумите, редовните и казнените сесии. Мојата девиза Per aspera ad astra ме води низ потешкотиите при студирањето како и секој студент, па и успешен човек кој треба да згази многу трње, да биде конзистентен, дисциплиниран и трпелив за да стигне до ѕвездите и да ги исполни амбициите и целите – вели Адам.

И тој, како Давид и Павел тврди дека физиката воопшто не е ограничувачка за наоѓање работа, напротив заради дефицит на ваков кадар по дипломирање полесно и побрзо може да се најде работа.

– Најпрво во образование, потоа во болници (Онкологија, радиотерапија, нуклеарна медицина и рентгенско зрачење), Универзитетски институт за позитронско-емисиона томографија, Дирекција за радијациона сигурност, следно технолошко-индустриски институции како: КЕМЕТ електроникс, Џонсон Мети, Макстил. Потоа технички сервиси и овластени медицински установи за дозиметриски мерења и мониторинг на работна средина од зрачење, обезбедување на квалитет и контрола на опремата, како што се: Институт за јавно здравје, Екотех ЛабС и Стјуарт Инспект. Па драги матуранти, доколку ја сакате физиката и природните науки, ви посакувам топло добредојде на Институтот за физика – завршува Адам.

Сподели