Децата се поистоветуваат со ликовите од светот на Халки, тоа се нивните херои

За момент секој посака да биде Јан, кој со своите другари од еколошката  секција најде решение за паркот што секогаш бил полн со отпадоци, раскажува Христина Ристеска, одделенска наставничка во основното училиште „Коле Неделковски“ од Скопје

Децата учат од книгите, затоа е многу важно да се направи правилен избор на приказни и сликовници според возраста на детето. Преку читање тие ги развиваат когнитивните способности, логичкото и критичкото размислување. Ги откриваат причините и последиците за настаните, развиваат вештини за проценување и расудување, вели Христина Ристеска, одделенска наставничка во скопското основно училиште „Коле Неделковски“.

Таа и нејзината колешка Ана Блажевска честопати избираат да ги подучуваат своите 24 ученици од 3-a одделение, преку внимателно одбрани  сликовници и книги, од кои децата се инспирираат за нивни креации, но и уште поважно, за разговор на одредена тема. Така беше и пролетва, кога в раце ја добија сликовницата со еден од нивните омилени ликови – Халки.

Токму на Денот на детската книга, 5.000 дечиња во Македонија истовремено ја читаа „Сликовницата на Халки“. Наставничката Ристеска вели дека и на нејзините ученици многу им се допаднала.

– Ликовите ги поведоа низ многу авантури и ги ставија пред интересни предизвици што ги поттикнаа на размислување и откривање решенија. Децата се поистоветуваа со ликовите од сликовницата, тоа се нивните херои. За момент секој посака да биде Јан, кој со своите другари од еколошката  секција најде решение за паркот што секогаш бил полн со отпадоци. А други пак, беа дел од приказната на Мила и Атиџе што немаа мобилни телефони и таблети и воопшто не им беше досадно поради тоа, играа криенка, плочка и се сетија на некои подзаборавени игри. Секое дете ја почувствува најубавата и најтоплата прегратка на Аделина која не можеше да оди и се движеше со помош на инвалидска количка, но затоа пак, нејзините раце беа волшебни –  раскажува наставничката.

Сликовницата беше само повод за од неа да се родат нови дела. Ристеска вели дека по прочитаната книга, во училницата имала само среќни и задоволни деца кои нетрпеливо чекале да го искажат своето мислење, да дискутираат за случките и за постапките на ликовите.

– Се трудам да ги насочам кон конструктивна дискусија од која произлегуваат поуки кои ќе ги запомнат и применат во секојдневниот живот. Така беше и во случајот со „Сликовницата на Халки“. Ја обработивме на часовите по македонски јазик и по ликовно образование. На учениците им се допаднаа темите што се обработуваат во „Сликовницата на Халки“ и ги предизвикаа да размислуваат: за животната средина, другарството, штедењето, солидарноста и инклузијата. Секој ученик на момент си замислуваше дека е заедно со Халки и Иван и е дел од нивната авантура. На часот по ликовно  учениците имаа задача да бидат во тимот на илустратори кои ќе ги илустрираат приказните од првата сликовница која ќе ја напишат Халки и Иван. Атмосферата на часот беше надополнета со песничката на Халки која особено им се допадна на учениците и ја пееја додека работеа – вели Ристеска и додава дека „децата се поистоветуваат со ликовите во сликовниците и книгите така што добрите постапки и манири на херои и ликови од книгите  ги впиваат како сунѓер“.

Дел од нејзините ученици подоцна учествуваа и на конкурсот „Илустрирај ја татковината“ заедно со Халки. Тие го прифатиле предизвикот и ги илустрирале нивните омилени места во нашата татковина.

АКО „ХАЛКИ“ ПОТТИКНЕ БАРЕМ ЕДНО ДЕТЕ ДА ГО НАПРАВИ СВЕТОТ ПОУБАВ, ТОГАШ ДА, ОВАА ПРОФЕСИЈА Е ИСПЛАТЛИВА

Илустрираната приказна во која ликот на Халки заедно со своите другарчиња (хероите на приказната) ги промовираат вистинските вредности и подучуваат за исклучително важни теми за денешното општество, стана извор и за дополнителни проекти кои се реализираат во текот за целата година, вели Маја Наумовска-Савеска, одговорна за корпоративни и маркетинг комуникации во „Халкбанк“.

– Како банка, од нашиот продукт за детско штедење, преку ваквите активности дојдовме до креација на еден сериозен мини бренд под чадорот на „Халкбанк“. Така, сега сме во фаза на поставување на целосна платформа околу Халки. Една од најважните групи на „публика“ е токму таа која допрва ќе расте и ќе ја креира нашата иднина. Тоа е исклучително важно како дел од општествената одговорност на компаниите – смета Наумовска-Савеска.

Од минатата година „Халкбанк“ соработува со Фестивалот за илустрација и литература за деца „Литера“, во чии изданија Халки имаше многу важен удел.

– Како компанија насочена кон реализација на успешни проекти во рамки на општествената одговорност навистина сме среќни што нашата поддршка и во овој случај оди на вистинско место и се реализира на најдобар можен начин кој ја крева свеста за уметноста и културата кај најмладите. Морам да истакнам дека оваа соработка е пример за тоа како една поддршка треба да се спроведе до реализација – објаснува таа.

Наумовска-Савеска вели дека посакуваат Халки да биде асоцијација на детето што еден ден ќе стане возрасен човек, дека треба да штеди, а приказната околу него е важна за кревање на свеста за екологија, социјална инклузија, уметност и култура, промоција на добрите навики и вредности кај децата.

Сподели