Децата на транзицијата слават култура во транзиција

Креаторите на културата се резултат на политички популизам и клиентелизам, па од тука не изненадува фактот што теоријата на Дејвис кај нас е гнила во пракса, бидејќи имаме сиромашна уметност, застарена архитектура, политизирана литература, псевдонаука, клиентелистички институции, ниски морални и религиски вредности

Пишува: Даниел Ѓорѓевски

Американскиот социолог и културолог Кингсли Дејвис во голем дел од неговите научни трудови нагласува дека културата е комплексен систем на уметност, музика, архитектура, литература, наука и сета естетска технологија, философија и општествени институции, религиозни, морални и естетски вредности. Притоа нагласува дека културата е израз на нашата природа во нашите начини на живеење и размислување, нашата литература, нашето постоење.

Културата вклучува сè што е стекнато или научено од човечкото суштество, што не е физички наследено. Значењето на културата според науката станува јасно единствено само кога ќе дојдат во израз неколку основни стандарди како што се: систем на однесувње, општествено наследно, суперорганска култура и самиот начин на живот.

Според методологијата на културолошките науки појдовна точка на секој систем е колективот. Колективот е тој кој ја креира културата, ја обликува и ја развива. Нивото на културата зависи од степенот на развој на колективот и сите примарни и секундарни апарати кои влијаат врз развојот односно системот на однесување.

За да го одредиме степенот на развој на колективот, потребно е да се направи анализа на примарните и секундарни апарати, кои ја формираат државата како систем со елементи, кои имаат одредена организација.

Кај нас системот на однесување е тесно поврзан со политичкиот плурализам и директно зависен од него. Таквиот развој на настаните резултира со симптоматично однесување, во кое преовладува одредена политичка идеологија на сметка на колективните (заемни) принципи и стандарди. Подобро кажано, се повикуваме на римскиот принцип на управување на друштвото: Раздели па владеј. Разделува идеја – владее идеја.

Македонскиот колектив со сите елементи од секојдневниот аспект е класичен традиционалистички, со мали фрагменти на модернистички и постмодернистички културни карактеристики. Општествено наследните вредности повторно се поврзуваат со политичкиот плурализам, кој овој пат во одредени дози преминува кон автократија (со политички елементи), во која преовладуваат однапред замислени идеи, кои се резултат на политички идеологии.

Ако ја развиваме Дејвисовата теорија за суперорганска култура, тогаш мора да се повикаме на македонската реалност-демократијата. Демократијата е соврешен филозофски систем кој во пракса апсолутно никогаш не бил применет, не само кај нас, туку напротив, никаде во светот.

Демократскиот систем во кој народот одлучува единствено од кого ќе биде владеен, бидејќи никогаш не владеел, ни ја дава основата на Дејвисовата теорија, но овој пат друштвото не ги одредува културните вредности и стандарди, напротив, тие однапред се определени од страна на политички фактори кои индиректно настојуваат да го натераат друштвото да размислува онака како што тие замислиле.

Политичките анализи укажуваат дека целокупниот систем кај нас е во посттранзициски процес, кој главно се базира на идеократија која е резултат на политичка филозофија врз која се одредуваат креаторите на културата, притоа идеата на поединецот е секогаш зависна и маргинализирана. Оттука може да го одредиме степенот на последната единица, начиниот на живот.

Креаторите на културата се резултат на политички популизам и клиентелизам, па од тука не изненадува фактот што теоријата на Дејвис кај нас е гнила во пракса, бидејќи имаме сиромашна уметност, застарена архитектура, политизирана литература, псевдонаука, клиентелистички институции, ниски морални и религиски вредности.

Ако се запрашате зошто е тоа така, а само кратко го согледате македонското општество кое е сврзно ткиво на карактеристична дијахронија, во која се изразени различни размислувања (т.н. политички идеи) кои ја креираат општествената реалност и секојдневие, тогаш одговорот е едноставен: Културата е механизам за креирање на политички мониторинг.

Доколку се запрашувавте зошто се соочуваме со долг транзициски процес во кој обичниот член на друштвото е заробен во некоја имагинарна реалност во која катадневно се очекува подобро утро, надминување на кризата во идентитетот и непречен развој на сопствените вредности, одговорот е едноставен – тоа ви е понудено на трпезата.

Според религијата Бог ни дарил очи да гледаме, уши да слушаме, разум да размислуваме. Потребно е само овие сетила и когнитивни способности да ги искористиме. Човекот е социјално животно со големо чувство за социјална инклузивност!

Насловна фотографија: Изгорената Пошта во Скопје / Извор: Europe House Скопје

Сподели