По повод 20 Ноември – Светски ден на детето, утре во 12.30 часот во малата сала на спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи пријателски фудбалски натпревар што ќе биде насловен „Децата го преземаат теренот“. Настанот го организираат УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија. На натпреварот ќе играат деца, професионални фудбалери од националната репрезентација, фудбалери од Специјалната Олимпијада и високи функционери.
Светскиот ден на детето што се одбележува секоја година на 20 ноември, ги истакнува најважните прашања кои влијаат врз животот на децата и го поддржува учеството на децата и младите како застапници на своите сопствени права. Годинава, Светскиот ден на детето се совпаѓа на истиот ден со официјалниот почеток на ФИФА Светското првенство во Катар 2022 година и на тој начин дава ретка можност детските прашања да се најдат на врвот од глобалната агенда.
Натпреварот е дел од заедничката кампања на УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија, под слоганот „Сите сме еден тим“, со која се повикува сите да се здружат за правата на децата.
На настанот на кој ќе присуствуваат деца, наставници, министри, амбасадори, јуниорски фудбалски тимови и фудбалери од Специјалната Олимпијада, воведните зборови ќе ги дадат премиерот Димитар Ковачевски, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани и директорот на националната фудбалска репрезентација, Дени Масев. Настанот ќе го модерираат деца од ТВ-серијата „Дајте музика“, кои ја претставуваа Македонија на детскиот евровизиски натпревар.
Светскиот ден на детето е годишен ден на кој се повикува на акција за да се привлече вниманието на прашања важни за децата и да се создаде поправичен, инклузивен свет за секое дете. УНИЦЕФ и партнерите апелираат до целото општество да ги поддржат активностите за поддршка на:
1. Квалитетна здравствена грижа, за секое дете која опфаќа обезбедување пристап до квалитетна здравствена грижа и исхрана за секое дете, како и заштита од болести што можат да се спречат со вакцинација.
Квалитетно и инклузивно образование, за секое дете вклучувајќи зголемени инвестиции и подобрена ефикасност и правичност во трошењето за образование со цел да му се помогне на секое дете да се здобие со вештини од 21 век, а и да им се даде поттик на децата да израснат во луѓе што ќе ја преобразат економијата и општеството.
2. Менталното здравје и благосостојба на децата и младите , вклучувајќи воспоставување програми кои го унапредуваат менталното здравје и благосостојбата во училиштата и заедницата, за секое дете да има детство какво што заслужува и на кое има право.
3. Здрава животна средина, вклучувајќи создавање простор за децата и младите да играат главна улога во осмислувањето климатски активности и во обезбедувањето решенија за еколошките предизвици со кои се соочуваме денес.
4. Фер шанса за секое дете, вклучувајќи активности за справување со дискриминацијата и исклучувањето, за да не се запостави ниту едно дете поради попреченост, сиромаштија, етничка припадност или пол.