Дебата „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“ на Филолошки

Дебата на тема „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“ со доц. д-р Кристина Н. Николовска и проф. д-р Ирина Талевска ќе се одржи денеска во 13 часот во салата за седници при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Повод за оваа дискусија е објавата на нивните најнови монографии „Антисемитизмот и холокаустот“ од Ирина Талевска и „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“ од Кристина Н. Николовска. Модераторка на дискусијата ќе биде проф. д-р Маја Бојаџиевска.

Книгата „Антисемитизмот и холокаустот“ е првичен обид на Талевска да создаде општа слика за динамиките во развојот на антисемитизмот низ вековите и неговата кулминација во холокаустот. Воедно, книгата претставува и обид да се исцртаат контурите на широкиот опсег на човековото дејствување, вклучително и на неговиот капацитет да пружи отпор кон неоснованото насилство и екстремното зло. По Европската книжевност на холокаустот, оваа е втора книга на авторката што ги опфаќа овие теми, но прва наменета за помладата читателска публика затоа што, пред сè, има за цел да поттикне прашања и да отвори простор за понатамошни продлабочени рефлексии за овие исклучително комплексни феномени.

Првата книга на Николовска, „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“, нуди толкувања на неколку значајни црковнословенски записи, дискутирајќи ги начините на употреба на овие текстови во моментот на нивното создавање, но и во современата историографија/книжевна историја. Потпирајќи се на специфичните книжевни конвенции од една страна, и на локалниот контекст, од друга, Николовска покажува дека овие документи не се транспарентни гласови од минатото на „маргинализираниот“ човек потиснат од османлиското владеење, туку комплексни текстуални фрагменти кои ги откриваат перцепциите на раномодерните јужнословенски автори за минатото, сеќавањето и политиката.

Сподели