Драко Рундек ги поби законите на физиката и докажа дека постои мултиверзум, паралелни светови во некои други димензии каде нè понесе завчеравечер, со концертот „За ваша попладневна разонода“ што го изведе во Македонската филхармонија. Во тоа му помогнаа апсолутно харизматичните Маја Ривиќ и Игор Павлица кои како пратечки гласови и солистички настапи го следеа својот шаман на патот низ кој нè водеше и веројатно придонесоа во забрзувањето на ова деведесетминутно патување. А можеби и траеше 90 години, но завчеравечер времето беше сосема неважна димензија. Во ова патување Биг бендот на ЗЏМ уште еднаш докажа дека е џез формација од светски ранг, нешто што го имаат веќе потврдено светски ѕвезди со кои настапувале.
Со концертот беа одбележани 25 години од основањето на компанијата „Екотип“. Рундек изведе дел нови, а дел стари хитови со аранжмани за џез оркестар што ги направија Мирон Хаусер, Лука Жужич и Мак Муртиќ. Очекувано, публиката го придружуваше Рундек на „Би могaо да могу“, „Шејн“, „Ена“, „Руке“, „Шал од свиле“, да кулминира со последната „Апокалипсо“ кога веќе цела сала беше на нозе. Еуфоријата на публиката се пренесе на Рундек, Ривиќ, Павлица и на целиот бенд, а продолжи со долготраен громогласен аплауз и овации. По еден бис тие се повлекоа од сцената, а енергијата што произлезе од концерот остана да „плови кон бескрајот“.





