Не може награда да го промени човекот, можат новите искуства, ако сме отворени за нив

Пишува: Наташа Атанасова

Ако нешто се има променето, а се однесува на наградата, тоа се движењето, патувањата, запознав нови луѓе, нови градови и средини и тоа ме усреќи. Ме воздигна – вели Даница Вукиќевиќ во интервјуто за Блен.мк.

Откако романот „Внатрешно море“ во јануари годинава ја доби НИН-овата награда за најдобар роман за 2022 година, името на Даница Вукиќевиќ со месеци се провлекуваше низ културните рубрики во регионов. Впечатокот дека е искрена, луцидна, длабинска, книжевно самоуверена и хумористично-игрива, поетеса во душа и писателка во крв го имате и додека ја слушате како со жар во очите зборува на ТВ-гостувањата и додека ја читате. На македонски дотогаш имаше преведено само неколку нејзини песни, но затоа пред еден месец го добивме во превод и наградениот роман „Внатрешно море“.

Впечатокот за романот ми беше сличен како и за неговата авторка и веднаш откако се појави веста дека Даница доаѓа на фестивалот „Про-за Балкан“ во Скопје, си реков – коцките се наредија, еве можност да ги поставам прашањата што си ги запишував по маргините на книгата!

НИН-овата награда секогаш привлекува внимание и победничкиот роман брзо ги минува границите – и просторните, и јазичните. Ние пред месец и нешто го добивме преводот на „Внатрешно море“ на македонски, само неколку месеци по доделувањето на наградата, што е за пофалба и гордост. Ве промени ли некако наградата?

– Многу сум горда што романот беше толку брзо преведен на македонски и не сум помалку горда и благодарна што тоа е апсолутна заслуга на пријателката Оливера Ќорвезироска, писателка и уредничка во „Арс ламина“, која е мој издавач. Преведувач е угледниот Александар Прокопиев.

Не може награда да го промени човекот, можат новите искуства, ако сме отворени за нив. Ако нешто се има променето, а се однесува на наградата, тоа се движењето, патувањата, запознав нови луѓе, нови градови и средини и тоа ме усреќи. Ме воздигна.

Читајте го целото интервју на Блен.мк

Сподели