Ученици од средните училишта на Град Скопје постигнаа голем успех во финалето на 6. национален натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional, кој вчера се одржа во IBank концептуалната филијала на Стопанска Банка АД – Скопје. Тие освоија едно прво место, две втори места и едно трето место. Првото место го освои Дамјан Димовски од „Јосип Броз Тито“, вторите места се за Лука Зотовиќ од („Јосип Броз Тито“) и за Ардита Емини од „Зеф Љуш Марку“, а на третото место се најде Иван Јорданов од „Васил Антевски Дрен“. На финалето на овој престижен натпревар  присуствуваше секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски.

– Го поддржуваме натпреварувачкиот дух на младите, посветеното учење и натпреварувањата надвор од рамките на секојдневните училишни обврски. Инвестирајќи во подобрување на дигиталната писменост, особено преку формалниот образовен процес, ќе придонесеме за подобрување на можностите за вработување на младите образовани кадри и подобрување на продуктивноста на работното место. Тоа, пак, ќе влијае на зголемување на економската продуктивност на општеството. Во рамки на шестгодишното партнерство со Certiadria во организирање на овој натпревар, Град Скопје поддржа вкупно 2.600 ученици од средните училишта, овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Microsoft Office и АСА испит. На овој начин, учениците без разлика на нивниот социјален и економски статус добија можност да се стекнат со меѓународно признат сертификат кој ќе им биде од особено значење во нивното понатамошно школување и кариера – рече Велковски.

Натпреварот се базираше на тестирање на ученици од 13 до 22 години од цела Македонија кои ги одмерија своите знаења во Microsoft Office апликациите – Word, Excel и PowerPoint, односно Adobe Photoshop, Illustrator и InDesign.

Најдобриот натпреварувач ќе може да ја претставува нашата земја на светскиот натпревар во САД, што ќе се одржи во јули годинава.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.