„Емигранти“ на големиот полски автор Славомир Мрожек и по повеќе од пет децении откако е напишана и прв пат изведена не може да биде поактуелна од денес. Можеби затоа што темата на емиграцијата и на преселбата од една во друга земја е горлива и секогаш актуелна. И човекот секогаш ќе има потреба да сонува за поголемото, за подоброто, за тоа што го нема, а неретко и да се разочара во тоа што го начекал.
Овој текст во 1992 година двајца тогаш сè уште студенти, Ѓорѓи Јолевски и Сенко Велинов посакаа да ја постават, а ја режираше Владо Цветановски. Претставата се играла на неколку локации, дури не си го најде својот дом во Драмски театар. По три децении, повторно Драмски е театарот што удоми двајца актери кои во 1992 година не биле ниту родени – Дамјан Цветановски и Григор Јовановски. Сценограф на претставата е Мартин Манев, а режијата е на Зоја Бузалковска.

Долго тлеела желбата кај актерот на Драмски, Дамјан Цветановски да ја создаде оваа нова „Емигранти“, а уште поголема желба му била сцената да ја дели со својот колега Григор Јовановски. Две актерски пројави со тотално различен сензибилитет, а со иста љубов кон својата професија и театарот. Нивната жар и упорност победи – еден час и 45 минути го држеа вниманието на публиката, која како на готовс чекаше да се изгаснат светлата и да викне унисоно „Браво!“. Со вакви актери македонскиот театар не треба воопшто да се грижи за својата иднина. Лекција по актерска игра, лекција за ентузијазам каков што во последните години, за жал, ретко се гледа кај нас. Може да се види на независната сцена, но поретко на националната.
Дамјан Цветановски е име кое веќе треба сериозно да се сфати на театарската сцена. Во последните две сезони тој оствари неколку улоги, која од која подобра (Сите сме птици, Чудна случка со кучето во ноќта). Во „Емигранти“ тој толкува улога на интелектуалец кој одлучил да замине од својата земја за идеали, за да ги провери своите ставови, за да истражува и колку и да е влезен во неговиот „филм“ дека е над неговиот цимер – прост копач на ровови, и тој е исто несреќен како него. Цветановски плени со својата леснотија во играта, брзите трансформации од сцена во сцена. За истакнување е неговиот одличен говор и сценичност.

Дамјан Цветановски
Григор Јовановски доминира со својата гестикулација, моќен глас, игра која плени. Полека но сигурно и тој си го пробива патот и заслужува што повеќе ангажмани на нашите сцени. Неминовно е да се спореди неговата актерска појава со таа на татко му, легендата на македонскиот театар, единствениот Владо Јовановски. На моменти толку многу потсетува на него, а сепак е многу свој, оригинален.

Григор Јовановски
Мартин Манев создал сценографија која неверојатно се вклопува во просторот и пред сè е многу функционална. Актерите спретно се движат во тесниот простор опружен со смрадлива реа, со беда, цевки, сиромаштија.
Радост е да се работи со млади актери на кои някогаш сте им предавала, изјави режисерката Зоја Бузалковска. И да, младоста е секогаш тука да нè потсети на радости на создавањето нови работи, видени со други очи и енергија.
„Емигранти“ е претстава што ќе ве насмее до солзи, но и ќе ве тресне од земја. Иако е само дуодрама, таа е ремек дело од повеќе аспекти. Да и посакаме многу аплаузи, долг век и уште многу жар во очите и играта на Цветановски и Јовановски.





