Дали во тихата и строга реч на Блаже Конески е авангардната поетика на нулта точката?

Дали во тихата и строга реч на Блаже Конески не треба да ја препознаваме авангардната поетика на нулта точката која е светотворна и културотворна со верба кон вистинскиот свет – кон оригиналот? Дали синтагмата проста и строга песна е нулта точка на македонската култура? Ова се дел од прашањата што ги отвори проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје на предавањето што го одржа на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Предавањето се одржа во рамките на нејзината работна посета на Хрватска, на покана на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Конески. Целта е да се отворат нови перспективи за македонистиката на хрватските универзитети.

Во предавањето насловено „Необичната обичност на великиот Конески, Мојсова-Чепишевска примени современ книжевно-теориски, но едновремено и иновативен пристап во исчитувањето на поетското творештво на Конески, контекстуализирајќи го со современата македонска култура и одделно со клучни пројави од македонската современа книжевност. Применувајќи дел од најсовремените гледишта и книжевно-теориски алатки на книжевната теорија, таа се надоврза и на исчитувањето на творештвото на Конески од страна на Атанас Вангелов, овозможувајќи ново толкување и нов пристап на вреднување на книжевната оставнина на Конески во целина.

– Особено радува интересот за предавањето што студентите го искажаа и преку интеракција, особено во делот од предавањето во којшто простата и строга песна беше интерпретирана и препознаена како нулта точка – инспирација за (пре)создавање во македонскиот културен простор – вели Мојсова-Чепишевска.

Нејзин домаќин бешепроф. д-р Ивица Баковиќ, професор по македонска книжевност и култура и раководител на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности.

Сподели