Дали музеите се само туристички точки или овозможуваат незаборавни искуства?

Во Музејот на македонската борба се одржа 7. меѓународна конференција „Запознај, види, направи!“ (Meet, See, Do) на Балканската музејска мрежа. Во 14 испланирани сесии, 50 професионалци од земјава и од Велика Британија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Грција, Косово и Бугарија дискутираа на тема „За што се музеите? Назад кон основите!“

– Конференцијата „Meet, Seе, Do“ е различна од сите други. Тоа е конференција на која се случуваат нови партнерства, се споделува вредно искуство, на која може многу да се научи, но и да се стекнат нови искрени пријателства. Имавме исклучителни предавачи кои со својата тесна специјалност од нивната работа, со или во музеите ни отварија нови видици, нè инспирираа, споделија свои искуства и нè вратија на основното прашање: „За кого се музеите?“ Сите стручни анализи потврдуваат дека музеите се важни чинители на општествениот живот, имаат моќ да менуваат животи и да оставаат неизбришливи траги – истакна Даниела Николова, директорка на Музејот на македонската борба.

Клучните заклучоци од конференцијата доаѓаат од актуелните теми на предавањата кои опфатија прашања поврзани со дилемите: дали музеите се само туристички точки на картите или се овозможувачи на незаборавни искуства, се дебатираше на дијалозите и најдобрите пракси од регионот, епидемијата беше присутна како причина за заборав на музеите, предностите на дигиталното време, но и инклузивноста на музеите како општествен сервис, како спој меѓу минатото и сегашноста, во креирање на иднината.

Конференцијата ја организираше Музејот на македонската борба и Балканската музејска мрежа, една од најважните регионални платформи којашто ги обединува музеите и професионалците кои работат во заштитата на културното наследство од балканскиот регион, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и на Град Скопје.

Сподели