Лабораторијата е опремена со најсофистицирана опрема. Со години наназад, има научна соработка со лаборатории од странство, што овозможува постојан напредок според стандардите кои се применуваат кај нив, вели раководителот проф. д-р Сашо Панов
Дали е здрав новиот ембрион пред да се всади во матката на мајката и нема никакви генетски заболувања. Со каква таргетирана терапија да се лекуваат болните од карцином. Овие испитувања ќе се вршат во новата Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Лабораторијата беше промовирана пред еден месец кога договор за соработка потпишаа деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески и генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Какви придобивки ќе имаат граѓаните од лабораторијата и на кој начин, како ќе може да се користат услугите, кој ќе ги врши истражувањата, објаснуваат раководителот на Лабораторијата, проф. д-р Сашо Панов и проф. д-р Славица Јосифовска, редовен професор на Институтот за биологија која е вклучена во проектот од почетокот.
Според Панов, во Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика ќе се вршат софистицирани генетски анализи со кои се утврдува присуството на различни генски мутации на туморската ДНК од ткивни примероци од тумори кај онколошките пациенти.

– Ќе се употребуваат генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (скратено – NGS). Во последните пет години, Лабораторијата е опремена со најсофистицирана опрема. Освен тоа, со години наназад, има научна соработка со лаборатории од странство, што овозможува постојан напредок според стандардите кои се применуваат кај нив. Преку консултација со овие колеги се градат ресурсите и воведуваат анализи, за да се постигне научна и апликативна извонредност по највисоки стандарди – објаснува Панов.
Зошто е важна раната дијагностика?
Покрај образовната и научната дејност, за првпат во својата историја ПМФ почнува и со апликативна дејност на полето на здравството. Јосифовска објаснува дека Лабораторијата почнала со работа уште во 1998 година, но во 2021 година била целосно инфраструктурно обновена според најсовремените стандарди за медицински лаборатории.
– Со проект од нашето Министерството за образование и наука за финансирање проекти од посебен јавен интерес – поддршка за развој на лабораториски ресурси, беше набавена комплетно нова, модерна лабораториска опрема и инструменти. Значајна поддршка за работата на Лабораторијата се и повеќе донации во апарати од приватни компании. Најголем предизвик е континуирано финансирање и вложување во нова опрема, која во оваа област брзо застарува – вели Јосифовска.
Раната дијагностика на генските мутации кај онколошките заболувања е многу важно. Според Панов, одредувањето на генските мутации во примерокот што се испитува може да помогне онкологот да донесе одлука за најсоодветната терапија и следењето на текот на болеста.
– Со овие анализи може да биде индицирана примена на биолошка целна терапија која е достапна кај нас, но може да бидат и исклучени лекови кои носат зголемен ризик од несакани ефекти. Со тоа, директна корист пред сè имаат пациентите, но се намалува и товарот на Здравствениот фонд преку соодветно нагодување на терапијата – вели тој.

Проф. д-р Сашо Панов
На промоцијата на Лабораторијата, Клековски најави дека тука ќе се врши нова метода во ин витро оплодувањето – испитување дали новиот ембрион пред да се всади во матката на мајката е здрав и нема никакви генетски заболувања. За оваа процедура од ембрионот ќе се земаат само неколку клетки. „Воведени се шест ин витро интервенции на товар на Фондот, со што се овозможуваат поголеми шанси некои луѓе станат родители“, рече Клековски.
Како ќе се вршат анализите
Според Панов, потребните реагенси и потрошниот материјал ќе се набавуваат со вообичаена процедура. Тие се достапни по нарачка и Лабораторијата изготвува план со кој тие ќе бидат набавени на неколку месеци.
– Така би требало да се избегне недостиг на реагенси и постојана достапност на анализите. Тие ќе се вршат во Лабораторијата преку системот „Мој термин“, со специјалистички упат од онколог, најчесто од Клиниката за радиотерапија и онкологија. Пациентите од оваа категорија на заболувања не партиципираат и се ослободени од трошоци. Услугите ќе бидат достапни и по барање, со приватен надоместок за домашни и странски пациенти – објаснува Панов.
Јосифовска вели дека тимот што ќе работи во Лабораторијата се состои од професори со докторски дисертации од областа на биомедицинска примена на молекуларната биологија, дипломирани молекуларни биолози и медицински лабораториски техничар.
– Но, има постојана потреба тимот да се зголемува и активно работиме на тоа. На тој начин би можеле да воведеме и други анализи, како што е предимплантациската генетска дијагностика при биомедицинско потпомогнато оплодување – вели таа.

Проф. д-р Славица Јосифовска
Придобивките од новата дејност на институцијата нема да бидат само за пациентите, туку и за наставниот кадар и за студентите на Институтот за биологија, кој ги организира единствените студиски програми во државата по молекуларна биологија со генетика за прв, втор и трет циклус.
– Најголемиот број колеги кои извршуваат молекуларно-дијагностички анализи во јавните и приватните здравствени установи се наши поранешни студенти. Со унапредување и апликативна работа на Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, условите за практична работа на студентите се подигнати на ниво на странските универзитети. Достапноста на современи апарати овозможува колегите од Институтот да планираат истражувања или проекти кои вклучуваат молекуларно-биолошки техники кои наоѓаат активна примена во сите биолошки области – вели таа.
Што значи за постоечките и идните студенти?
Јосифовска вели дека тие постојано работат на зголемување на интересот за студирање на биологијата како наука, но и на квалитетот на студиите за оние кои веќе избрале да студираат на Институтот за биологија.
– Институтот поседува опремени лаборатории каде студентите секојдневно имаат практична настава. Биологијата е атрактивна наука и не се очекува да се намали потребата за биолози во иднина. Истражувањата и работата во биомедицината и персонализираниот третман на пациентите, заштитата на животната средина и биодиверзитетот, биотехнологијата во насока на чиста енергија и иновативна храна, синтетичка биологија, биоинформатика и друго, се интересни за новите генерации. Во лаборатории од овој тип, на студентите им е овозможено да работат на современа опрема и да се воведуваат во научно-истражувачката работа – вели таа.

Јосифовска додава дека во последните децении постои нагласена потреба за зголемена интердисциплинарност на истражувањата, базирана на соработка на различни институции и брза размена на податоци. Соработката е критична за решавање на сложените проблеми, а истражувањата во молекуларната биологија и генетика не се исклучок од оваа глобална тенденција.
– Соодветно на тоа, наша основна цел е зголемена научноистражувачка и применувачка компетитивност со посовремена и софистицирана опрема, како и едукација и подобрена обученост за нови техники на тимот на Лабораторијата. Фокусот на идните истражувања ќе биде во согласност, не само со целите на Националната стратегија за истражување, туку и со регионалните, националните и европските истражувачки приоритети кои ги одредуваат темите на меѓународните истражувачки проекти. Крајната цел е преку објавувањето во списанија со рецензија и учество на меѓународни конференции, да се дисеминираат резултатите на европско ниво и светско ниво, промовирајќи ја македонската наука – завршува Јосифовска.






