Дајте им шанса. Тие имаат добра душа, нема да ве разочараат никогаш – одбележан 3 Декември во Гевгелија

Нека денешното наше заедничко чекорење не заврши денес, туку секојдневно заедно да чекориме – ова беше пораката што вчера ја испратија учесниците на маршот по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата си попречености во Гевгелија. Со пораки, заедничка прошетка и приредба беше одбележан денот, кога потсетуваме колку е важно да се бориме со предрасудите и да се прифаќаме меѓусебе. Настанот го организираше Образовниот центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“ од Гевгелија.
На настанот свое емотивно обраќање имаше гевгеличанецот Даниел Ристовски, за другарувањето со Виктор Тимов, младинец со аутизам, со кого учеле од основно училиште.
Даниел Ристовски
– Со Виктор се запознав во прво одделение и уште тогаш забележав дека е различен од другите деца, но, различен во позитивна смисла. Тој секогаш ширеше позитивна енергија. Станав многу близок со него, бидејќи никој друг како него не знаеше да сака и да ги цени дури и најмалите нешта. Јас му помагав во училиштето, но и тој мене ми помогна да видам дека без разлика што и да е, каков и да е, тој е дете со чувства и дека воопшто не е тешко да се разберам и дружам со него. Да, имаше деца кои го избегнуваа, но за мене тие се уште не се свесни дека децата со посебни потреби се најмилите деца на овој свет. Тие никому не мислат лошо и секогаш ќе ја ценат помошта што им ја даваме. Јас ги познавам и Кристина, Давид и Ѓорѓи. Деновите поминати со нив и со Виктор не би ги заменил за ништо. За крај, само едно ќе ви порачам, дајте им шанса. Тие имаат добра душа, нема да ве разочараат никогаш. Напротив, ќе ви бидат благодарни доживотно за пружената шанса. А, и вие со сигурност ќе уживате во дружбата!
Вчера беше отворена и хуманитарната изложба на апстрактни цртежи со акрилни бои на платно изработени од корисниците во Дневниот центар за лица со попреченост во уметничката галерија „Амам“.

Сподели