Да се постави нова македонска драма значи да се преземе одговорност  

Во МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп веруваме дека со приближувањето на рокот (1 март), интересот дополнително ќе се интензивира, а нас нè радува фактот што „Драмолетање 2.0“ полека, но сигурно, отвора доверба и дијалог со македонските драмски автори – вели Петар Антевски, иницијатор на платформата.

Вториот повик за нова драма, наречен „Драмолетање“, што го организира Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, ќе биде отворен до 1 март. Платформата започна на последното издание на фестивалот, кога беа создадени четири нови текста објавени во книга. Интересот постои и се чувствува и за вториот повк, особено во контекст на македонската драмска сцена, каде ваквите отворени повици сè уште не се доволно вообичаена пракса, вели продуцентот Петар Антевски, иницијатор и реализатор на платформата.

Петар Антевски

Антевски е филмски, ТВ и театарски продуцент, продукциски координатор на МТФ „Војдан Чернодрински“ и иницијатор на платформата „Драмолетање“, посветена на развој и афирмација на современата македонска драма. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрирал на ФДУ во Белград. Зад себе има повеќе театарски и филмски проекти во земјава и регионот.

– Авторите често прво набљудуваат, се распрашуваат и си земаат време пред да се охрабрат да испратат текст, што е разбирливо ако се знае дека со години недостига континуитет во поддршката на нови, непоставени драмски дела. Токму затоа ни е важно што пријави веќе пристигнуваат, а тоа ни покажува дека постои жива потреба и интерес за ваква платформа. Веруваме дека со приближувањето на рокот интересот дополнително ќе се интензивира, а нас нè радува фактот што „Драмолетање 2.0“ полека, но сигурно, отвора доверба и дијалог со македонските драмски автори – вели Антевски.

Токму ланското искуство со учесниците на фестивалот покажа колку овој процес всушност им значи на авторите. Тоа не е само „можност за создавање нов текст, туку и како чин на видливост и признание“.

– За драмските автори, особено во македонскиот контекст, моментот кога драмата ќе ја видат отпечатена, ќе ја земат во рака и ќе можат да ја подадат во хартиена форма, има посебна тежина и симболика. Истовремено, електронското издание е подеднакво важно, бидејќи ја прави македонската драма подостапна, отворена и видлива за поширока публика, надвор од физичките и институционалните ограничувања. Дополнително, објавувањето во книга значи и создавање трајна архива на современата македонска драма, нешто што ѝ недостига на нашата културна сцена и што сметаме дека е исклучително важно за идните генерации. Токму тоа нè мотивира да градиме континуитет, а интересот на авторите го гледаме не како услов, туку како партнерство што сакаме да го негуваме и развиваме – објаснува продуцентот.

Одговорот на вечното прашање – зошто бегаме од домашната драма и автор, Антевски го бара не во домашната драма, туку во комфорот и стравот од ризик.

– Голем дел од македонските режисери постојано се движат по веќе изодени патеки, избирајќи текстови од светската и регионалната сцена кои веќе биле поставувани и „докажани“ како успешни. Тоа е побезбеден избор, но и избор што ја одржува нашата стагнација. Поставувањето нова македонска драма бара преземање одговорност и храброст – нешто што очигледно ретко се практикува – вели тој и додава:

Од работилниците што се одржаа на првото „Драмолетање“ во јуни 2025 година

– Не мислам дека бегаме од домашната драма, туку дека упорно трчаме кон светската, во обид таму да го пронајдеме сопствениот идентитет. Проблемот е што додека гледаме нанадвор, го игнорираме она што ни е најблиско и најавтентично. Домашната драма останува непрочитана и непоставена, не затоа што не зборува доволно гласно, туку затоа што ретко кој е подготвен навистина да ја слушне.

Што можат да добијат авторите што ќе учествуваат на „Драмолетање 2.0“. Ги следува процес што им помага нивната драма да стане видлива и функционална во реалниот театарски систем.

– Во рамките на „Драмолетање 2.0“ тие добиваат обука како појасно и поефективно да ги презентираат своите драми пред потенцијални продукциски куќи, институционални театри независни театри и режисери – вештина што кај нас речиси и да не се негува. Дополнително, програмата овозможува средба и размена со други драмски автори, подлабоки разговори за сопствените дела, нивниот контекст и можностите за сценска реализација. Кулминацијата е директната презентација на драмските текстови на пичинг форумот што ќе се одржи во рамките на 60. јубилејно издание на фестивалот, каде авторите имаат ретка можност својата работа да ја претстават пред професионалци што носат одлуки. Веруваме дека токму оваа комбинација на поддршка, знаење и директен контакт со сцената е силна мотивација авторите да го препознаат сопствениот интерес и потенцијал во овој повик. Затоа, ги охрабруваме авторите да се пријават и да си дадат шанса нивниот текст да излезе од фиоката и да почне да живее во театарскиот простор – категоричен е Антевски.

Фотографии: МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Сподели