Да не би било светски срам, први би ги укинале училиштата како голем трошок

Она што креаторите на реформата заборавија е да ги видат критиките кон тие модели од кои понешто препишале, а понешто свое, но сепак кусоумно допишале. Сега, за жал, сме принудени да ги трпиме последиците, вели Васко Гичевски, наставник по историја

Од почетокот тврдам дека реформата за основно образование е изработена без никаква предходна анализа или емпириско истражување, подготвена за 2-3 месеци. Таа беше и сè уште е педагошки, научно и правно неиздржана бидејќи моделот на настава кој го налага ги крши сите законски прописи со кои е регулирано основното образование и воспитание. Доволно говори фактот што против концепцијата излегоа сите научни и високо-образовни институции, безброј стручни лица, наставници, здруженија, вели Васко Гичевски, наставник по историја во основнотo училиште „Славко Лумбарковски“ во Општина Новаци, Битолско. Активен е на полето на историјата, со години пишува и објавува научни трудови, активен е во медиумите со ставови и колумни. Со него разговараме за реформата во основното образование која годинава првпат се спроведува во предметна настава, во 6. одделение.

Учебната 2023/24 година почнува со имплементација на новата концепција за основно образование во 6. одделение, за првпат во предметна настава. Како ја коментирате во однос на предметот Историја?

– Против новата концепција за основно образование јас се борам од самиот нејзин почеток, кога уште се дискутираше зад затворени врати. Првите информации ги добивме од проф. д-р Митко Панов, а веќе следниот ден јас бев објавил текст кој беше своевидна основа за започнување на отпор против новата концепција. Тоа е еден килав концепт изработен без никаква предходна анализа или емпириско истражување, подготвена од страна на 13 лица во период од два или три месеца. Истата беше и сè уште е педагошки, научно и правно неиздржана бидејќи моделот на настава кој го налага концепцијата ги крши сите законски прописи со кои е регулирано основното образование и воспитание. Доволно говори фактот што против концепцијата излегоа сите научни и високо- образовни институции, безброј стручни лица, наставници, здруженијата на географите, историчарите, информатичарите итн. Без разлика на сите аргументирани искази против концепцијата, таа се наложи и уште се применува само поради политичкиот интерес и обврските кои што сме ги презеле кон кредиторот што ги обезбеди средствата за реформата. Самата реформа е всушност насочена кон некакво примитивно ниво на знаење, каде нештата се учат нафрлено и поимски. Всушност претставува една компилација на неколку образовни модели од САД, Обединетото Кралство, примери од некои други европски држави, и сето тоа обландирано со типично македонско политиканство, тендерски интереси и реформски пристап за полнење на џебовите на фирми и поединци блиски до властелата. Она што креаторите на реформата заборавија е да ги видат критиките кон тие модели од кои понешто препишале, а понешто свое, но сепак кусоумно допишале. Сега, за жал, сме принудени да ги трпиме последиците, за кои можеше лесно да се информираат и да се спречат доколку ги послушаа стручните лица.

Каде ги гледате најголемите придобивки (ако ги има) и кои се најголемите недостатоци?

– Искрено, целиот тој потфат е еден ужас без крај. Нема никаква педагошка, научна и законска издржаност. Буквално е напишана на начин и на прв поглед личи современо, на нешто што би носело некаков прогрес, но во практика е само едно неприменливо парче хартија кое веќе предизвикува штета. Навистина не би можел да издвојам ништо позитивно освен извесно проширување на програмата и опфаќање на повеќе содржини од социјалната и културната историја. Дури и таа придобивка е уништена бидејќи со скратениот фонд на часови вие немате време убаво да ги обработите содржините и сте принудени да им ги нафрлите на децата колку да знаат по некое име и по некој датум.

Деновиве се жестоки реакциите во однос на оваа тема. Каде го гледате излезот од оваа состојба?

– Излез од оваа ситуација веќе и не е можен, барем не во овој контекст. Јасно е дека овој потфат, ќе трае сè додека траат обврските кон кредиторот. Се сеќавате, исто беше и со „Кембриџ“ програмите, екстерното тестирање и доста други глупости во минатото. Апсолутно немам илузии дека некој ќе се освести и ќе се осмели да исплаќа пенали, за сметка на доброто на учениците. За жал, никој веќе не мисли на доброто на учениците, никој не мисли ни на воспитно-образовниот систем. Секторот образование во сите владини политики бил само место за ухлебување на едикојси политички кадар за кој немало повисоко и подобро место, но веројатно и за кадар за кој неговите политички патрони немаат мислење дека има капацитет за некоја „посериозна“ функција. Резултатот од таквото децениско сфаќање на образованието и воспитанието, како поле каде реформите носат најмногу ставки во нечија биографија, но и најмногу пари во џеб, поле за секојдневно кршење на законските прописи и работничките права, поле за вработување на партиски послушници е сè што гледаме денес. Комплетен распад и нефункционалност, нешто што постои само колку за да постои. И веројатно доколку не би било светски срам, ние први би ги укинале училиштата како голем трошок, бидејќи согласно изјавата на министерот, ние немаме пари ниту за учебници. За да создадеме квалитетно воспитание и образование, пред сè треба да создадеме квалитетно општество и економија. А за тоа треба да сме борбени и храбри, ни требаат драматични општествени резови со уште подраматични политички потфати!

Како е предвидено да се формиратт оценките кај споените предмети? Ако еден ученик е надарен за Географија, а не му оди Историја и Граѓанско образование, дали тоа значи дека нема да има врвна оценка и по Географија?

– Согласно насоките за реализација и организација на наставата од 1 до 6 одделение издадени на 21.06.2023 година од страна на Бирото за развој на образованието, во сведителство ќе се внесуваат три засебни оценки односно по една за секој од трите модули: Историја, Географија и Граѓанско образование. Фактички предметот обединува три предмети и поради притисокот од фелата, иако првичните замисли беа да го предава еден човек и да има една оценка и материјалот да е на некој начин слеан во едно, сега постојат засебни модули кои ги предаваат различни наставници стручњаци за својот предмет и внесуваат засебни оценки. Последново е само показ на сиве мои ставови – дека властелата би направила сè, само и само да не си дозволи финансиска штета!

Сподели