„Омеѓени приказ(н)и“ од Тони Васиќ во КИЦ

Омеѓени приказ(н)и“ е насловот на изложбата на цртежи од Тони Васиќ која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Поставката содржи 17 цртежи, избор од серијата дела инспирирани од мотивот глуварче. Тие се работени на бела хартија, со туш и перце, во време на карантинот и излолацијата поради пандемијата.

Академик Катица Ќулавкова во текстот од каталогот пишува дека првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот.

– Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината: од агресивниот колорит кон белината, онаа девствена белина кое не ужаснува, туку копнее по допирот со дискретните нијанси на отсјајот на Сонцето, оној флеш на окото и на објективот, оној проблесок на имагинацијата, онаа состојба на хармонија. „Сѐ бело на цртежите е белината на хартијата“, ми рече авторот Тони Васиќ. Си помислив, едноставно, минималистички, ама после ги разгледав цртежите и видов дека токму белината што би ја замислиле како празно место, остаток или маргина околу средишниот мотив на цртежот, всушност го претставува средишниот мотив – глуварчето. Сите глуварчиња се нацртани, насликани, „направени“ од белината на хартијата. Тие се истовремено и умешност на инверзијата, и пофалба на имагинацијата, и ода на радоста – пишува Ќулавкова.

Тони Васиќ (1966, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Во 2016 година докторирал на Институтот за културолошки студии на Универзитетот Евро-Балкан“ во Скопје. Од 1988 до 2023 година учествувал на повеќе од 500 национални и меѓународни групни изложби во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Унгарија, Јапонија, Кореа, БиХ, Франција, Германија, Белгија, Полска, Романија, Хландија, Литванија и др. Добитник на 13 награди за уметност и дизајн. Работи како професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ колеџ“ во Скопје. Член на ДЛУМ од 1991 година.

Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 3 октомври, а е дела од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.

Сподели