Театарскиот хип-хоп проект „Црнила Ремикс“ во режија на Јордан Симонов, е дел од официјалната селекција на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, кој од вечерва до 9 август ќе се одржи во Ниш, Србија, на сцените во Нишката тврдина. Програмската селекција на овој фестивал е базирана на продукции кои ја користат музиката како еден од главните драмски елементи во креирање на самата претства, а целата програма се прикажува исклучиво на отворени сцени низ градот.
Во рамки на популарниот „Нишвил џез фестивал“ од 2017 година како посебна програмска целина постои Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, на кој оваа година ќе бидат прикажани продукции од Франција, Швајцарија, Србија, САД, Хрватска, Бугарија и од Македонија.
Со гостувањата на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад и клубот „Мочвара“ во Загреб во 2019 година „Црнила Ремикс“ ги започна своите меѓународни активности, а проектот беше дел и од хибридната меѓунардона програмска соработка реализирана за време на пандемијата во 2020 година меѓу МКЦ Скопје и Кино „Шишка“ од Љубљана – Cross Stream.
„Црнила Ремикс“ е урбано читање на класичното дело на Коле Чашуле, работено по идеја и режија на Јордан Симонов, со оригинален препев и музика на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот Зад Аголот. Членови на Организацијата се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.
Оваа музичко – драмска продукција имаше свои премиери во 2019 година на меѓународниот театарскиот фестивал МОТ и музичкиот фестивал Здраво млади, а покрај театарска и концертна верзија, овој проект во 2020 го доби и својот трет формат – аудиозапис на винил.