Црквата во Матејче од 14 век две децении e жртва на вандали

Без оловната заштита на покривот, вредниот фрескоживопис е осуден на пропаст од врнежите

За еден месец два пати е оштетна црквата „Успение на Пресвета Богородица“, споменик на културата од 14 век, сместен во планинатата над селото Матејче, Кумановско. Службата за внатрешни работи од Куманово три дена пред Нова година соопшти дека е оштетна покривната конструкција, извадено е оловото од покривот, а слично соопштение имаше и пред два дена. Без оловната заштита, вредниот фрескоживопис е осуден на пропаст од врнежите. Алармираа и граѓани, реагираше и Кумановско-осоговската епархија при Македонската православна црква од каде велат дека споменикот подолго време е цел на вандализам и оштетувања.

Претходната министерка за култура, Ирена Стефоска, на својата прва прес-конференција најави дека црквите во Матејче и во Курбиново ќе бидат проглесени за културно наследство во опасност за да може да се направат итни интервенции. Во ноември 2020 година се направи превентивна заштита на „Успение на Пресвета Богородица“ откако со години црквата зјаеше отворена, без врати. Министерството за култура лани одвои 1 милион денари за превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и на камбанаријата на црквата во Матејче.

– Во изминатите денови, целосно е откриен и украден оловниот кров. Храмот целосно е препуштен на надворешните атмосферски влијанија, во опасност да биде неповратно уништен. Потребна е итна интервенција од страна на стручните служби во Министерството за култура – велат од Кумановско-осговската епархија.

Тие го пријавиле случајот во МВР и побарале заедничка координирана акција за заштита од надлежните институции. Имател на црквата е МПЦ, но бидејќи е прогласена за споменик на културата, таа е дел од културното наследство на Македонија и им припаѓа на сите граѓани. Во тој домен надлежни се Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар.

Сместена на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Манастирската црква ја изградил цар Душан во 14 век. По неговата смрт, таа е доградена и живописана по налог на неговата сопруга Елена и синот Урош.

Манастирскиот комплекс е оддалечен 9 километри од селото Матејче, сместен во густата шума над Кумановско Поле. Патронен празник на црквата е Раѓање на пресвета Богородица, меѓу народот попознат како Мала Богородица, кој верниците го одбележуваат на 21 септември.

До пред две децении празникот се славел масовно, со многу обичаи. По конфликтот во 2001 година, местото пропаѓа. За време на конфликтот во манастирот и во блиското детско одморалиште таму беше сместени терористи предводени од командант Шпати. По завршувањето на конфликот сите објекти беа сосема руинирани, и одморалиштето и манастирските конаци. Во тој период страдаше и дел од архитектурата и фрескоживописот. Со спреј беа испишани графитите: Тели, УЧК, Бени, Пајтим, Руфи, двоглават орел исцртан на површина од два квадратни метра, на еден од насликаните светци имаше исцртано очила за сонце и името Диего Армандо Марадона испишано во ореолот, „Санта вампир“, напишано во нимбот на друг светец. Експертите тогаш коментираа дека графитите се најмалите штети, зашто може да се отстранат. Ненадоместлива е штетата на деловите од фрескоживописот, каде сторителите гребеле со тврди предмети. Таму штетата е ненадоместлива. Направени беа големи дупки на ѕидовите и на подот во храмот.

Конзерватори од тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата целосно ги исчистија графитите од фрескоживописот. Санираа и дел од оштетената архитектура. Фреските два месеца ги чистеа четворица сликари-конзерватори, под раководство на Момчило Трајковски. Графитите беа сосема исчистени, а искршените транзени заменети.

Две децении не постои ниту камениот лак, кој во вид на порта го означуваше влезот во манастирот. По завршувањето на конфликтот го урнал германски војник на НАТО кој со „хермелин“ се обидел да влезе во манастирот. Во сиве изминати години црквата е постојано цел на вандали.

Фото: Wikipedia

Сподели