Филмот „Човек – Лав стори“ на авторката Катерина Габунија ќе биде премиерно прикажан на 30 ноември во 20 часот во Кинотеката. Тоа е третиот краток филм за „Старо Скопје“, проект на „Вардар Филм“, поддржан од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката.

Монтажата и дигитализацијата се на Александар Трајковски. Третиот дел од серијалот филмови за Скопје и скопјани со наслов „Човек-Лав стори” претставува колаж од дигитализирани 8-мм филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје.

Акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно, неа сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме. Љубовта е наша движечка сила, која нè мотивира да твориме. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената.

– Процесот на реализација на овој проект, како и досега, започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 мм и супер 8 мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на истите, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук. На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи – велат авторите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.