На четвртиот ден на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2023“, гостинка на фестивалот ќе биде првата дама Елизабета Ѓоргиевска, која во 13 часот во Музејот на град Скопје ќе се сретне со дечиња наши гости на фестивалот. Таа ќе им чита сликовница и ќе се дружи со нашата најмлада публика.
Во истиот термин од 13 часот мастерклас кој е од отворен тип ќе одржи илустраторката Николина Манојловиќ-Врачар. Таа ќе сподели дел од своето професионално искуство. Во 17 часот, таа ќе ја одржи и својата работилница „Што сè“.

Претходно во 10.30, илустраторот од Хрватска, Доминик Вуковиќ ќе ја заокружи својата работилница за илустрација, што започна вчера.
Точно на пладне ќе се дружиме со илустраторката Иванка НиБа, која ќе им ја доближи темата „Сите сме кул на свој начин (да ги прифатиме различностите)“.
Во 18 часот ќе следува промоција на сликовници на две наши авторки. Публиката ќе може да се сретне со Јулијана Величковска, авторката на сликовницата „Ведра“ (ПНВ Публикации) и со Бистра Георгиева, авторка на неколку сликовници од серијалот „Стела и Сани“, во издание на ТРИ.

Фестивалот го поддржува Министерството за култура, Халкбанк, Ефектива, Органик нар, Умно.мк, Скопска пивара и други.





